Министерството за култура известува за именување на членови на Управниот одбор на Манифестацијата „Струшки вечери на поезијата“.
Министерот за култура на Република Македонија, Роберт Алаѓозовски, донесе одлука за именување на нови членови во Управниот одбор на Манифестацијата „Струшки вечери на поезијата“. Како членови на Управниот одбор на Струшките вечери на поезијата од редот на истакнати уметници и културни работници се именувани проф. д-р Елизабета Шелева (претседател на Управниот одбор), Лидија Димковска и Димитрие Дурацоски.Елизабета Шелева (Охрид, 1961), редовен професор на Катедрата за општа и компаративна книжевност, при Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје. Претседавач е на Здружението на независните писатели на Македонија и уредничка на книжевното списание „Наше писмо“. Членка на македонскиот ПЕН центар.Димитрие Дурацоски (1952, Струга), писател и сликар од Струга, дипломирал на Школата за применети уметности, сликарски отсек, во класата на проф. Родољуб Анастасов. Член е на Друштвото на писателите на Македонија од 1989 година.Лидија Димковска (1971, Скопје), завршила општа и компаративна книжевност на Филолошкиот факултет во Скопје, а постдипломски студии по романска книжевност на Филолошкиот факултет во Букурешт, Романија, каде што работела како лектор по македонски јазик и книжевност. Живее во Љубљана, Словенија. Преведува романска и словенечка литература на македонски јазик.