Медиумските работници од Југозападниот регион во земјава, заедно со Советот за етика во медиумите, денеска имаа дискусија за унапредување на етичката рамка.
На онлајн средбата, на која учествуваа новинари, дописници и уредници, извршната директорка на СЕММ Марина Тунева зборуваше за потребата од унапредување на етичката рамка и етичките норми, кои не се апсолутна категорија, туку се подложни на наградба и менување заради унапредување на професионалното новинарство.
-Досега, врз основа на укажување на граѓанскиот сектор, на нашите жалители, на професионалната медиумска заедница, согледавме дека има потреба да се донесат насоки за етичко известување во онлајн медиумите. Како такви се објавени, прифатени и активно се користат во работата на Комисијата за жалби, впрочем тие се дополнување на постоечкиот Кодекс и дообјаснување на неговите одредби. Донесовме препораки за етичко известувње за деца и млади, претходно насоки за известување во тековната пандемија, со цел унапредување на професионалното новинарство“, истакна Тунева.
За етичките предизвици во медиумите и саморегулацијата зборуваше Лилјана Пецова Илиевска, член на Комисијата за жалби при Советот за етика.
-„Статистиката на СЕММ доволно ни говори дека се јавуваат предизвици во делот на пласирање на неточни и непроверени информации во медиумите. Од вкупниот број одлуки на Комисијата за жалби 32% се однесуваат на прекршување на членот број 1, односно неетичко, нефер, неточно информирање. Ова е суштинско прашање, кое досега требаше да го надминеме и да биде помала грижа во однос на етичкиот предизвик. Заштитата на приватноста и сензационализмот кој преовладува се загрижувачки особено кога се известува за трагедии, немили настани, сообраќајки, лични тагедии“, истакна Лилјана Пецова Илиевска, член на Комисијата за жалби при Советот за етика.
Со појавата на новите медиуми се засилија и предизвиците во известувањето, особено за сензитивните теми, истакна Фиљана Кока, новинар од МРТВ.
„Ние во Кодексот на новинарите имаме членови кои дале широка рамка во однос на етичкото известување, но мислам дека треба по примерот кој го направивме за известување за деца и млади, да се детализира и да се доуреди етичката рамка. Честопати сме сведоци за непрофесионално известување при сообраќајни незгоди, лични трагедии, самоубиства, маргинализирани групи…Медиумите имаат голема улога преку своите теми и информации да ја едуцираат јавноста за општествените проблеми, да ја заштитат приватноста, презумпцијата на невиност и слично, рече Кока.
Во рамките на дебатата, медиумските работници од Југозападниот регион во земјава се согласија дека најголемиот предизвик е пласирањето невистини, сензационализмот, непочитувње на личната болка, презумпција на невиност и слично.
Онлајн средбата беше организирана во рамките на проектот ,,Поддршка на слободата на изразување во медиумите во Северна Македонија’’ што го имплементира СЕММ со поддршка на делегацијата на ЕУ во земјава, како и со поддршка од програмата Цивика Мобилитас
Серијалот средби за унапредување на етичката рамка ќе продолжи и во останатите региони во земјава.