Судењето за убиството на 26 годишниот Димитар Матилоски од Охрид на почеток.
Денес е закажано второто рочиште од повторното судење, откако на првото пред околу една седмица не се појави Бојан Угреновиќ.
Клучното прашање е дали убиецот Бојан Угреновиќ (30) од Краљево, ќе се појави во судот во Охрид откако беше пуштен да се брани од слобода.
Обвинетиот е пуштен на слобода откако на 27 јули, 2017 Основниот суд Охрид даде мислење дека истекува последното продолжување на притворот за обвинетиот Угриновиќ. Основновното јавно обвинителство Охрид сметало дека притворот може да биде продолжен, па поради тоа била поднесена жалба на одлуката до Апелацискиот суд Битола, кој е надлежен да постапува. Но, и повисокиот суд го потврдил решението на Основниот суд Охрид и одлучил мерката притвор да биде прекината.
По ова обвинителството побарало мерки за обезбедување на присуство кои судот ги прифатил. На обвинетиот Угреновиќ му била одземена патната исправа, му била изречена забрана за напуштање на престојувалиште и на Република Македонија, како и повремено јавување кај надлежен орган.
Законот определува дека за кривични дела за кои е предвидена казна до 15 години затвор, притворот од правосилност на обвинение може најмногу да трае една година. За кривични дела за кои според стореното кривично дело е предвиден доживотен затвор, притворот по правосилност на обвинението може да трае две години.
Делото за кое се гони обвинетиот Угриновиќ е по член 123 став 1, за убиство предвидува затвор од најмногу 20 години. Па, според обвинителството притворот за обвинетиот треба да влезе во втора одредба, но судот сметал дека е во првата одредба и го пуштил да се брани од слобода.
Што значи самиот притвор е укинат поради пропусти во законската регулатива и слободата на толкување на одредени членови.
Судот не успеа во законскиот рок од една година да донесе правосилна пресуда за случајот. Судијата весна Кичеец го осуди на 16 години казна затвор но Битолска апелација го врати случајот. Убиството се случи на 1 јануари 2016 година кога по кратка расправија во угостителски објект во центарот на Охрид, Угреновиќ на смрт го претепа Димитар Матилоски пред кафе-барот. Семејството на убиениот тогаш бараше сторителот да одговара за кривично дело „свирепо убиство“ за што имаа и посебно приватно вештачење, но судот не го прифати. Угреновиќ првично го призна делото, а на последното судење се изјасна за невин, со што целиот процес се врати на почеток.