Од први мај ќе поскапи такси превозот во Охрид.
Советот на Општина Охрид го прифати барањето на такси превозниците за зголемување на цените, но им побара да ги подобрат услугите и односот кон граѓаните и туристите. Новата цената на услугата за првиот километар е 50 денари, а секој следен километар во период од 5 часот наутро до 23 часот ќе се наплаќа по 35 денари. Се воведува и ноќна тарифа, односно од 23 часот до 5 часот наутро секој изминат километар ќе се наплаќа по 45 денари. Досега, такси превозниците возеа за 50 денари прв километар, и 30 денари за секој следен километар. Советниците сметаа дека е основано ваквото барање на такси компаниите за да можат да се справат со предизвиците и да имаат континуитет во работата, но како што рекоа, повеќе да не се повторуваат познатите појави на одбивање од таксисти да возат на пократки релации, неможноста да се повика такси по телефон во летната сезона и слично. Такси возила треба да имаат на видно место лиценца, беџ за возачот, а ќе биде зголемена и инспекциската контрола, посебно во текот на главната туристичка сезона.
„Јас како градоначалник и советниците ќе излезиме во пресрет, она што го имаат такси превозниците како барање да се реализира, но ќе бидам крајно ригорозен, мислам заедно со инспекциските служби, ако увидам дека работите не се одвиваат како што треба“, рече градоначалникот на Охрид Кирил Пецаков.
За некоректниот однос на таксистите во текот на туристичката сезона, како одбивањето да возат патници на пократки релации или возење без вклучен таксиметар, градоначалникот најави поставување информативни табли со број на кој незадоволни граѓани и туристи ќе можат да пријавуваат такси превозници. Проблемот со нелиценцирани таксисти кој долги години е присутен во градот ќе се решева со жолти регистарски таблички, со кои ќе бидат означени сите лиценцирани субјекти кои вршат авто-такси превоз согласно законските измени.
Пишува Сузана Вренцовска