Започна изведбата на третата фаза од реконструкцијата на улицата Македонски Просветители. Градежните зафати се одвиваат според предвидената динамика и Градоначалникот Кирил Пецаков е оптимист дека ќе бидат завршени во предвидениот краен рок за изведба, 1-ви јуни.
„Имаме чести состаноци и со изведувачот , и со надзорот и сите останати служби коишто се вклучени во реализација на проектот бидејќи сите јавни претпријатија се вклучени во самата изградба. Во однос на фазите , во втората фаза, ние до 15ти март го завршивме она што е наша обврска. А за третата фаза која од денеска започнува како градежна активност, ќе бидеме готови некаде помеѓу 15 ти и 20 мај. „ – кажа на денешната Седница на Совет, Градоначалникот Кирил Пецаков.
Градоначалникот кажа дека изградбата на Македонски Просветители ќе ја чини локалната самоуправа дополнителни 50 милиони денари кои не биле предвидени во проектот кој оваа локална власт го наследи. При изградбата се води сметка да не биде само шминкање и асфалтирање на улиците туку комплетно инфраструктурно решение вклучително со прилагодување на потребите на инвалидизирани лица, посочи Пецаков одговарајќи на советничко прашање на денешната Седница на Совет.
„Што се однесува до патеки за слепи лица е нешто на кое инсиситирам иако во проектот не е предвидено. Разговаравме со изведувачите дали ќе е возможно тоа, во однос на патеките кои се предвидени да се изведе патека за слепи лица. Во секој нареден проект кој ќе опфаќа пешачка патека секако дека ќе го предвидиме тоа е моја заложба. “ – потенцира Градоначалникот.
Реконструкцијата на улицата Македонски Просветители започна кон крајот на ноември минатата година. Од денеска на сила е забрана за паркирање и запирање на паркинг просторот од пресекот со улица „Димитар Влахов“ до пресекот со улица „Даме Груев“. Улицата ќе добие комплетно булеварско решение. Проектот предвидува две одвоени коловозни ленти со тротоари од двете страни, велосипедскa патекa, нова атмосферска канaлизација и ново улично осветлување. Ќе биде подигнат и нов дрворед, од двете страни, а планирано е изведување на среден разделен цветен појас.