Во СВР Охрид денеска беше одржан работен состанок со полициски службеници од Министерството за внатрешни работи на Република Србија, кои од утре, па сè до 31 август, заедно со припадници на македонската полиција ќе спроведуваат заеднички полициски патроли низ Охрид.
Ангажманот ќе се реализира врз основа на Протоколот за соработка за време на туристичката сезона, а од утре и официјално ќе започне функционирањето на мешовитите полициски патроли.
Од СВР Охрид информираат дека заедничките патроли ќе придонесат за поголема безбедност на граѓаните и туристите, особено на српските државјани кои во голем број летуваат во Охрид.
Во текот на патролирањето, српските полициски службеници ќе постапуваат согласно законите на Република Северна Македонија, нема да носат оружје и ќе им даваат поддршка на македонските полициски службеници во извршувањето на нивните задачи.
Пред официјалниот почеток на ангажманот, српските полицајци биле запознаени со одредбите од македонските закони за внатрешни работи и за полиција.
