Најавениот ребаланс на буџетот ќе го смали вкупниот долг на општина Охрид.
Владата ќе ги одглавува општините а со ребалансот на буџетот, ќе им прости речиси 50 милиони евра долгови на општините.
Охрид е меѓу најзадолжени општини во земјава- со 8 милиони евра, следуваат Тетово со 7,6 милиони , Карпош со 4 и Куманово со речиси 2 милиони евра.Вкупниот долг пак кој го пријавиле сите државни институции во земјава изнесува 307 милиони евра.Со најавениот ребаланс на буџетот, Владата ќе покрие 51 насто од долговите кои ги пријавиле или ќе им прости речиси 50 милиони евра. Вкупниот долг кој го пријавиле општините заклучно со крајот на септември изнесува 81,3 милиони евра. Парите се строго наменски и неповратни, а целта е да се овозможи општините да ги сервисираат долговите и да се раздолжат кон стопанството.
Според Драган Тевдовски – министер за финансии, финансиска поддршка од 51 процент, од сумата, е сериозна помош.
-„Јасно поставуваме механизам кој ќе спречи трупање на долгови во иднина и јасно кажуваме дека втор пат немаме намера да правиме вакво нешто и нема да се случи“, вели министерот.
Како гаранција дека пак нема да заглават, Владата со нов законски механизам ќе им наложи во иднина реално да ги планираат приходите во општинската каса.
„Како системско решение, општините да не навлегуваат во нови долгови, предвидено е контролен механизам во член 2 на законот за финансирање на единиците на локалната самоуправа. Имено општините сопствените приходи може да ги планира најмногу до 10 посто од просечните приходи во последните три години“, вели Сухејл Фазлиу министер за локална самоуправа.
Ребалансот на буџетот е веќе во Собрание, а комисиската расправа треба да почне за една недела.
