Охрид со богата културна и уметничка програма ќе ја одбележи 35-годишнината од независноста на Република Македонија.
Програмата, која започнува денеска, 4 септември, а ќе трае до 8 септември, носи повеќе настани наменети за различни генерации и интереси.
Програмата започнува вечерва во 19:30 часот на плоштадот „Вангел Наумовски“, со креативната интерактивна работилница за деца „Колку ја познаваме нашата татковина?!“, која ја организира драмското студио „Ден и ноќ“.
Во сабота, 5 септември, во НУЦК „Григор Прличев“ од 18:00 часот ќе се одржи Меѓународниот фестивал – Смотра на ветерани „Заиграј на оро“. Истиот ден во 20:30 часот, во Куќата на Уранија – МАНУ, ќе биде отворена изложбата на Јордан Манасиески „Уште една средба со светлината“.
Во недела, 6 септември, во Музејско-културниот центар „Лапидариум“ ќе биде претставено подводното културно-историско наследство на Охридското Езеро. Од 19:30 часот посетителите ќе можат да проследат изложба на подводни фотографии, подводна видео-тура и промоција на публикација – каталог. Организатор е НК „Акватек“ – Охрид.
Празничната програма продолжува на 7 септември. Во „Лапидариум“ од 19:00 часот ќе бидат изложени делата од Првата меѓународна ликовна колонија „Лихнид – Охрид“, која деновиве се одржува во градот.
Истиот ден, од 20:00 часот, на предворјето на црквата „Св. Софија“ ќе се одржи 15. „Охридска визита“, традиционалниот годишен концерт на ВИС „Билјана“ по повод Денот на независноста.
Програмата ќе биде заокружена на 8 септември, со свечениот концерт „Македониум“, посветен на 35-годишнината од независноста. Концертот ќе се одржи во црквата „Св. Софија“ со почеток во 19:30 часот.
На концертот ќе настапат Сана Шуплевска – виолина, Марија Јакимовска – флејта, Петар Коцевски – кларинет, Орце Ицкоски – фагот и Давор Јордановски, кој е автор на музиката и ќе настапи на пијано.
Со повеќедневната програма, Охрид празникот на независноста го одбележува со спој на детска креативност, традиција, фолклор, ликовна уметност, музика и презентација на богатото културно наследство на градот и Охридското Езеро.
