Јубилејното 15. издание на „Охридска визита“ ќе се одржи на 7 септември во предворјето на црквата „Света Софија“, во пресрет на Денот на независноста.
„Оваа година ни е јубилеј, правиме годишен концерт. „Охридска визита“ е насловот“, вели Христијан Томески, најавувајќи ја музичката вечер која ќе започне во 20 часот.
За јубилејното издание се подготвува посебна програма со избор од најубавите староградски песни „Софија“. Концертот и годинава ќе има гости, меѓу кои Градскиот хор „Вокс Лихвидос“ и маестро Тони Арсланов на виолина.
„Затоа што е јубилеј, ги одбравме најубавите староградски песни „Софија“. Исто така, ќе имаме и гости. Како и секоја година, годинава ќе ни гостува Градскиот хор „Вокс Лихвидос“ и маестро Тони Арсланов на виолина“, посочува Томески.
Како дел од традицијата на „Охридска визита“, и годинава гостите ќе бидат пречекани со слатко, а девојки во староградски носии ќе ја дополнат атмосферата на настанот. Покрај песната, предвидено е и староградско оро.
„Секоја година, како што е редот за „Охридска визита“, ќе се пречекаат гостите со слатко, ќе бидат облечени момиња во староградски носии, како што си доликува. И покрај песната, ќе се заврти и некое староградско оро. Обавезно, за крај ќе се заврти и едно оро“, најавува Томески.
„Охридска визита“ традиционално се организира во периодот околу 8 Септември, а интересот за концертот, според организаторите, од година во година расте.
„Секоја година концертот е сè поброен. Овој концерт го правиме околу Денот на независноста. Секоја година може да се смени датумот, но секогаш е по повод Денот на независноста, односно секогаш е околу 8 Септември“, вели Томески.
Поддршка за одржувањето на концертот и годинава има од Општина Охрид.
„Апсолутно, секоја година Општина Охрид е поддржувач на овој концерт. Препознаа некаков квалитет и дека се зголемува музичката понуда на градот Охрид“, додава Томески.
Јубилејната „Охридска визита“ ќе се одржи на 7 септември во предворјето на „Света Софија“, со почеток во 20:00 часот.
Билети може да се резервираат на телефонскиот број 076/212-680.
