Доделени признанијата „Инжинерски прстен“ на Плаошник

Со многу труд, посветеност и желба за знаење, Марта Митева за рекордни  пет години го заврши Архитектонскиот факултет. Денеска, за своето достигнување го добива Инженерскиот прстен, нејзината  желба  е стекнатото знаење да го претвори во дела во својата родна земја. Да се надградува, да работи, да создава и да твори дома.

Таа е една од 14-те млади инженери, најуспешни дипломци,  кои денеска го добија ова признание.

– „Моите планови за иднината се да се надградувам на професионално ниво, особено да се фокусирам врз градењето на реална архитектура, а особено врз развивањето на моето техничко знаење. Па, моментално планот е да останам во Македонија“, рече Марта Митева добитник на наградата.

-„Овој прстен нека ни биде потсетник на одговорноста да создаваме, да иновираме, да учиме и да го пренесуваме знаењето, со интегритет и професионалност“,  рече Стефан Спасов добитник на Инжинерски прстен.

Државата мора да создава услови младите да останат, да работат и да го применуваат своето знаење дома. Одливот на образованите и стручни кадри значи губење на потенцијалот што ѝ е неопходен на земјата, порача претседателката Давкова.

-„Од нашата способност, подготвеност и решеност да ги препознаеме и идентификуваме, но и навреме да ги вреднуваме, овозможувајќи им својот професионален потенцијал да го реализираат тука, дома, зависат и се детерминирани нашата конкурентност и конкурентноста, но и економскиот капацитет и развој, односно економскиот прогрес на државата“, рече претседателката Гордана Силјановска Давкова.

„Искушението да ги однесете вашите огромни таленти во странство е реално, а глобалниот пазар агресивно бара умови како вашите. Но, јас денес стојам тука за да ви упатам еден клучен апел: останете во земјата. На Македонија сте ѝ потребни.“, истакна проф. Д-р Андреј Лепавцов претседател на Инженерската институција на Македонија.

По 23-ти пат, на Плаошник, во амбиентот на Светиклиментовиот универзитет, најуспешните млади инженери добија вредни   признанија.

Новинар Соња Рилковска

 

 

 

Social profiles

Охрид

Струга

Вевчани