„За посреќно детство“ повторно ќе ги обедини охриѓани во хуманост и спорт

Црвен крст Охрид и годинава ја организира традиционалната хуманитарна и спортско-рекреативна акција „За посреќно детство“, која ќе се одржи во сабота, 19 септември.

Настанот ќе започне во 11 часот со главната трка за младите, со старт на Кеј „Македонија“, пред хотел „Палас“. Целта ќе биде кај Центарот за култура „Григор Прличев“, каде ќе продолжи програмата со спортски, културно-забавни и здравствено-едукативни содржини, како и голема наградна игра.

За учество во акцијата потребно е да се набави учеснички број по цена од 50 денари. Средствата собрани од продажбата ќе бидат наменети за помош на деца со здравствени потешкотии од социјално загрозени семејства од Охрид и Дебарца.

Учесниците ќе имаат можност да се натпреваруваат во повеќе спортски и рекреативни дисциплини – фудбал, ракомет, шах, вртење хулахоп, скокање со јаже, пикадо и други креативни игри. Со секој купен учеснички број, граѓаните стануваат и потенцијални добитници на една од повеќе од 20 вредни награди.

Традиционален партнер на акцијата е Стоматолошкиот центар „Д-р Баткоски“, кој и годинава обезбедува награди и изненадувања, како и бесплатни совети за правилна грижа и заштита на оралното здравје кај децата и возрасните.

Продажбата на учесничките броеви веќе е започната. Тие може да се набават од мобилните волонтерски тимови на Црвен крст Охрид, кои ќе бидат присутни на повеќе пунктови низ градот, како и во просториите на Црвен крст Охрид на улица „Димитар Влахов“ број 52.

Акцијата има за цел да го поттикне спортскиот дух кај младите, но и да ја зајакне свеста за солидарноста, хуманоста и помошта за најранливите категории граѓани.

Social profiles

Охрид

Струга

Вевчани