Денеска во пресрет на 24 Мај – Денот на сесловенските просветители Св. Кирил и Методиј во охридската библиотека беше отворена изложба на литература посветена на животот и делото на просветителите.
Во истиот термин во соработка со Средното економско училиште „Св Кирил и Методиј“ од Охрид кое го слави патронот во присуство на ученици од училиштето професорката по македонски јазик од истото училиште Марија Симјаноска одржа предавање посветено на мисијата на солунските браќа и нивното значење за нас и за целиот словенски свет.
Проф. Симјаноска збируваше за биграфијата на сесловенските просветители.
–„Светите браќа Кирил и Методиј се творци на словенската писменост, со чија појава во 9 век започнува нова ера за Словените. Создавајќи ги словенското писмо и првите словенски книги, ги вброиле Словените во редот на културните народи во светот. Кирил и Методиј се првите словенски учители и просветители. Преку својата мисионерска работа, ширејќи го христијанството меѓу моравските и панонските Словени, на непосреден начин помогнале за описменување на голем број ученици кои го продолжиле нивното дело.
Аристократското потекло на татко им, им овозможува да се школуваат во најпрочуените тогашни школи, како што е Магнаурската школа во Цариград, каде што подоцна св. Кирил станал професор по филозофија, добивајќи го прекарот „филозоф“. Заради големата ораторска и проповедничка дарба, византискиот двор честопати го испраќал во мисии да го шири христијанството најпрво помеѓу Сарацените, а потоа и меѓу Хазарите и Словените“, рече Симјаноска.
Во пресрет на 1969 година, кога се навршуваа 1100 години од смртта на сесловенскиот просветител Кирил Солунски, се роди идејата на 24 мај секоја година во Рим, со пригодна свеченост од името на македонскиот народ, да му се оддава почит на св. Кирил, за неговото епохално дело. Тоа е трајно запишано на македонски и на италијански јазик на бакарната спомен-плоча поставена во 1970 година, преку која веќе се чувствува превезот на патината на времето. Светите браќа Кирил и Методиј упеале да станат апостоли на Словените. За овие свои заслуги, во своето апостолско послание „егригае виртулис“ , папата Јован Павле II на 31 декември 1980 година, ги прогласил за покровители на Европа.
Ученичката Ивана Ническа прочита дел од словата посветени на браќата Кирил и Методиј. Професор д-р Павле Митрески се наврати на сопствените истражувања во Далмација во околината на Цавтат а делови од неговиот истражувачки труд посветен на 1000 годишнината од Моравската мисија презентираше Христина Трпеска, вработена во библиотеката.