Нова учебна година и нов почеток за охридската Гимназија. На 1 септември учениците ќе ги пречекаат значително подобрени и обновени училишни простории, по реализацијата на големата реконструкција на училиштето.
Во изминатиот период беа реализирани повеќе активности за подобрување на условите за учење и работа. Уредени се училишниот двор и партерот, поставена е нова ограда, а работи се изведуваа и на системот за греење, внатрешната и надворешната дограма, како и на покривот.

Со реконструкцијата се создава посовремена и побезбедна училишна средина, во која учениците ќе имаат подобри услови за учење, творење, истражување и развивање на своите потенцијали.

Од Гимназијата велат дека обновата е значаен чекор кон создавање современо средно образование и потврда дека вложувањето во младите и образованието е вложување во иднината на Охрид.
На почетокот на новата учебна година, од училиштето ги очекуваат учениците со посебна радост, а на новите гимназијалци им посакуваат добредојде во нивниот „втор дом“.
