Охриѓанецот А.А. сторил кривично дело „царинска измама“ и за време од три и пол години давал лажни податоци за стоките при увозното царинење.
Тој заработил кривична пријава а според соопштение на Царинската управа на Република Македонија, една кривична пријава, до Основното јавно обвинителство Гевгелија, е поднесена против лицето А. А. од Охрид, во својство на одговорно лице во правно лице и против правното лице, поради постоење на основано сомнение дека сторило кривично дело царинска измама по член 278а од Кривичниот законик, информираат од Царинската управа.
– Пријавениот во текот на 2014, 2015, 2016 и 2017 година дал лажни податоци за стоките при увозно царинење, а кои влијаат на пресметките на износот за плаќање на царина и други увозни давачки. За потребите на пријавеното правно лице на 03.01.2013 година, до Царинската управа поднесено е барање за издавање на задолжителна тарифна информација. Согласно барањето, Царинската управа издаде задолжителна тарифна информација со рок на важење од 3 години. Во постапката на увозно царинење на стоките за потребите на пријавеното правно лице на македонските царински органи им приложиле царинска декларација со лажна тарифна ознака, иако располагале со задолжителна информација за правилната тарифната ознака, со намера да избегнат делумно плаќање на царинските давачки. Царинската управа изврши дополнителна пресметка за евидентирање на царинскиот долг во износ од 1.151.005 денари и го задолжи увозникот да ги доплати избегнатите давачки, стои во соопштението од Царина.