Општина Охрид објави јавен повик за доделување финансиска поддршка на микропроекти во рамки на Програмата за локален економски развој и програмата за поттикнување на развојот на туризмот за 2026 година.
Со повикот се предвидува поддршка за проекти од јавен интерес кои имаат за цел поттикнување на локалниот економски развој, унапредување на туристичката понуда, зачувување и промоција на културното и природното наследство, како и подобрување на квалитетот на живот во општината.
Вкупниот буџет за оваа намена изнесува 2 милиони денари, од кои 1 милион денари се наменети за локален економски развој, а 1 милион денари за развој на туризмот.
Максималниот износ што може да се добие за еден проект е 200.000 денари, при што апликантите треба да обезбедат минимум 10 проценти сопствено учество, кое може да биде во форма на финансиски средства или преку извршени работи.
Право на учество на јавниот повик имаат здруженија на граѓани, фондации и непрофитни организации, кои се регистрирани во Централниот регистар најмалку една година и имаат претходно реализирани активности во областа.
Финансираните проекти треба да бидат од помал обем, со јасно дефинирани резултати и временска рамка за реализација до шест месеци.
Деталите тука
