Барањето за издавање на одобрение за градење на инвеститорот за изградба на објект на предметната локација во Лагадин датира уште од 24.11.2016 година, поднесено е електронски преку електронскиот систем е-одобрение за градење.
Предметната управна постапка до овој момент се уште е во тек и не завршила со правосилен управен акт. Во насока на наведеното, а во врска со сомневањето дека издаденото одобрение за градење е спротивно на критериумите и мерките содржани во Планот за управување со светско природно и културно наследство на Охридскиот регион, истакнуваме дека Одлуката за начинот на спроведување на постојните урбанистички планови и урбанистичко плански документации како и за времен прекин на постапки за утврдување на правен статус на бесправно изградени објекти бр.08-3172/3 од 18.03.2020 година усвоена од Советот на Општина Охрид, не се однесува на отпочнати постапки за издавање на одобрение за градење.
Постапката за издавање на одобрение за градење за предметниот објект е започната со поднесување на барање од страна на инвеститорот и тоа на ден 24.11.2016 година. Планот за управување со светско природно и културно наследство на Охридскиот регион е донесен многу подоцна односно на 18.02.2020 година (Сл.Весник на РМ бр.45/20), па истиот не може да се применува на веќе започнати постапки за издавање на одобрение за градење.
Имајќи го во предвид наведеното, Општина Охрид во целост постапува согласно Законот за градење и Правилникот за начинот на спроведување на постапката за издавање на одобрение за градење.
Во однос на наводните околности што подносителот на претставката ги навел, а кои би можеле да доведат до драстично нарушување и промена на статиката на конструктивниот систем на објектот, напоменуваме дека во постапката за издавање на одобрение за градење инвеститорот ја обезбедил целокупната потребна документација согласно Законот за градење вклучително и елаборат за техничко решение за рушење на дел од објект и заштита и стабилност на преостанатиот дел од објектот како и Градежен проект за заштита на градежна јама.
