Најмалку осум лица загинаа, а 11 други се повредени на Менхетн во Њујорк, кога синоќа камионет движејќи се низ велосипедска патека прегази неколку велосипедисти и пешаци, пред да удри во училишен автобус.
Њујоршката полиција соопшти дека по судирот возачот излегол од возилото и извадил „пејнт-бол“ пиштол, по што бил застрелан од полицајци и уапсен. Напаѓачот при совладувањето е ранет во стомакот и е префрлен во болница.
Полицискиот комесар Џејмс О’Нил изјави дека возачот по напуштањето на возилото „извикувал пораки, што ја упатуваат полицијата инцидентот да го третира како терористички акт“. Според очевидци, пред да биде совладан од полицијата тој викал „Алах е голем“.
Сепак, според О’Нил, нападот најверојатно е дело на поединец и полицијата не трага по други осомничени.
Полицијата засега не го соопшти идентитетот на напаѓачот, освен дека станува збор за маж на 29-годишна возраст.
Според болнички извори, шест од загинатите лица починале на самото место на инцидентот, а уште две подоцна в болница им подлегнале на здобиените повреди.
Њујоршкиот градоначалник Бил де Бласио изјави дека инцидентот претставува „кукавички чин на тероризам, чија цел се невини цивили кои си го живеат својот секојдневен живот“.
Инцидентот се случи на брегот на реката Хадсон во јужниот дел на Менхетн, пред зградата на елитна државна гиманзија во близина на седиштето на локалната власт на Њујорк и Светскиот трговски центар.
Американскиот претседател Доналд Трамп оцени дека нападот во Њујорк е дело на „многу болен и ненормален човек“.
Доколу се потврдат сомнежите дека инцидентот е чин на тероризам, тоа ќе биде прв терористички напад со исламистичка позадина во САД откако Трамп ја презеде претседателската функција, пренесува А1он.