Договор стави крај на неколкумесечниот воен конфликт во Македонија во 2001 година.
На денешен ден пред осумнаесет години, потпишан е Рамковниот договор со кој се стави крај на неколкумесечниот воен конфликт во Македонија во 2001 година. Преговорите почнаа во Скопје и продолжија во Охрид, каде што завршија со парафирање на документот на 10 август. Три дена подоцна на 13 август 2001 година во претседателската резиденција на Водно во Скопје Рамковниот договор го потпишаа тогашниот претседател на државата Борис Трајковски, поранешниот претседател на ВМРО-ДПМНЕ и премиер Љубчо Георгиевски, претседателот на ПДП Имер Имери и тогашните претседатели на СДСМ Бранко Црвенковски и на ДПА Арбен Џафери. Свои потписи на договорот ставија и специјалните претставници на ЕУ Франсоа Леотар и на САД Џејмс Пердју. Повеќе од 130 закони, законски измени и дополнувања се донесени во изминатите години од имплeментацијата на Охридскиот рамковен договор.Според аналитичарите, договорот ја постигнал својата цел. Дел од нив не очекуваат меѓуетничките односи повторно да бидат мета за остварување на одредени политички интереси, но други пак, не ги исклучуваат националистичките влијанија.Сепак според дел од експертите, атмосферата во однос на меѓуетничките односи е порелаксирана, бидејќи егзистенцијалните проблеми се сѐ уште во прв план на граѓаните.