Со фокус на одржливиот туризам, културното наследство, дигиталната трансформација и примената на новите технологии, во Охрид е отворена 18. Меѓународна научна конференција на Факултетот за туризам и угостителство.
Конференцијата е посветена на развојот на туризмот во време на големи општествени и технолошки промени, а на едно место ги поврзува научните дисциплини, професионалните искуства и различните перспективи за иднината на туристичкиот сектор.

Во фокусот се теми поврзани со одржливиот туризам и зачувувањето на природните ресурси, културното наследство и неговото значење во современиот свет, но и туристичкото искуство, човечкиот капитал, економијата, инвестициите и финансиските ризици.
Посебно внимание е посветено на дигиталната трансформација, предвидувачката аналитика и вештачката интелигенција и нивната примена во туризмот.
„Како технологијата да ја користиме за да го унапредиме туризмот, без да ја изгубиме неговата најважна човечка димензија?“, беше едно од прашањата истакнати на отворањето.

Беше нагласено дека значењето на научните конференции не е само во презентираните трудови, туку и во можноста за дијалог, размена на мислења, воспоставување соработки и отворање нови прашања и идеи.
Домаќинот, Факултетот за туризам и угостителство, на учесниците им посака успешна работа, отворени дискусии и нови професионални соработки, а на гостите пријатен престој во Охрид.
