Отворена новата спортска сала во село Лескоец

Основното училиште „Ванчо Николески“ во село  Лескоец доби нова спортска сала. По три децении, конечно  учениците ќе имаат достоинствени услови за спорт и физичко образование. Инвестицијата е вредна околу 30 милиони денари.

Новата сала е изградена со заеднички средства од државата и Општина Охрид и ќе ја користат учениците, но и спортските клубови и граѓаните.

„Оваа спортска сала има навистина големо значење, пред сè за правилниот психофизички развој на децата. Користејќи ја во рамки на наставата по физичко образование, учениците ќе имаат многу подобри услови, но исто така ќе можат да ја користат и спортски клубови, здруженија на граѓани и сите оние кои сакаат да се занимаваат со спорт.Ова е инвестиција од околу 30 милиони денари, од кои дел се средства од буџетот на Општина Охрид. Подобрувањето на спортската инфраструктура значи многу, особено за најмладите, бидејќи им овозможува правилен развој и здрав начин на живот.“, истакна градоначалникот Кирил Пецаков.

Изградбата на салата бeше  долгогодишно барање на жителите, а нејзината реализација траеше неколку години поради административни процедури.

„Поминавме процес од околу две и пол до три години за обезбедување на локацијата, расчистување на имотно-правните односи и подготовка на целата документација. Овој проект беше дел од мојата програма уште во првиот мандат и претставуваше една од суштинските потреби на граѓаните, која се бараше со децении. Денес сум навистина горд што конечно ја гледаме неговата реализација. Како локална самоуправа, вложувањето во спортската инфраструктура ни е еден од приоритетите, бидејќи преку спортот младите се насочуваат кон правилен развој, здрави навики и подалеку од негативните влијанија.“, додаде Пецаков. 

Од училиштето велат дека оваа инвестиција значи значително подобрување на условите за учениците и наставниот процес.

 

„Денес е ден на голема радост и гордост за нашето училиште. По цели 30 години чекање, конечно успеавме да изградиме сопствена спортска сала. Ова не е само нов објект, туку исполнување на една долгогодишна потреба и желба за многу генерации ученици и наставници. Со ставањето во функција на салата, создаваме подобри услови за реализација на наставата по физичко образование, но и за организирање на различни спортски активности.Оваа сала ќе биде место каде што учениците ќе развиваат здрави навики, дисциплина, тимски дух и меѓусебна почит. Тука ќе се создаваат нови успеси, нови спомени и нови можности за правилен раст и развој. Веруваме дека оваа инвестиција ќе има долгорочно позитивно влијание не само за училиштето, туку и за целата локална заедница“, изјави директорот на училиштето.

Со оваа инвестиција, Лескоец доби нов современ простор за спорт, а Општина Охрид најави  дека вложувањата во спортската инфраструктура ќе продолжат и во наредниот период.

Social profiles

Охрид

Струга

Вевчани