ПИНА: Економските последици од пандемијата веќе се видливи во охридско-струшкиот регион

Охрид и Струга  ја живеат  најслабата туристичка сезона изминативе неколку децении, анализира Пина платформа за истражувачко новинарство. 

 Корона пандемијата  силно го погоди туристичкиот сектор во светски рамки.

Бројот на странски гости во охридско струшкиот регион е намален за околу 85% во однос на лани. Пад има и кај домашните гости особено во месеците  април, мај и јуни , намалувањето е околу 65%.

 

Гоко Апостолов – раководител на Сектор за туризам Охрид

„Како бројки барем од оние официјални показатели кои ги имаме  досега заклучно со месец мај  може да се каже дека намалувањето на бројот на туристи како домашни така странски во однсос на остварените ноќевање е големо. Имаме за 76% намален број на туристи од кои кај намалувањето на домашните е 64% ,  додека кај странските 83% заклучно  со месец мај во кој предничат април и мај. Иако ги немаме податоците за јуни и јули јас сум сигурен дека барем за јуни ваквиот тренд продолжи,  но  од јули видовме дека барем  кај домашните туристи расте оваа бројка  и имаме повисоки бројки. Генерално кажано ова е тешка туристичка сезона не само кај нас туку и во сите туристички места во земјава и надвор од неа, вели Ѓоко Апостолов раководител на Сектор за туризм Охрид.

Корона пандемијата ги погоди сите чинители во туризмот. Почнувајќи од угостители, хотелиери, туристички агенции,  водичи и пратители, бродари, занаетчии на брендираните автентични охридски сувенири…….

Според слободните проценки на добрите познавачи туристичкото стопанство регистрира пад на приходите  од 70 до 80%. Иако засега точни бројки нема, повеќе од јасно е дека намалениот обем на работа остави илјадници семејства во охридско струшко без приходи.

Угостителите работат со намален капацитет и во ек на сезона бележат загуби

За прв пат во историјата, угостителите велат  во ек на сезона работат со загуби. Корона пандемијата три месеци првенствено  ги   стави под клуч на врата  сите угостителски објекти на брегот на Охридското езеро. Откако добија дозволи да отпочнат со работа, добија и строги протоколи. Растојание помеѓу масите и ограничен број на гости во кафулињата и рестораните.

 

Зоран Рилковски – угостител ( ресторан Томато)

-„Ако лани во сезона  во ресторанот имавме 15  тина  вработени во две смени и меѓусмени, ова лето може да ви кажам дека функционираме само со  пет лица.  Верувајте и тие ни се многу. Нема странски гости, нема организирани групи, родендени, крштевки, забави…. Оние кои со години сезонски ги ангажиравме ова лето  останаа на улица.Тажно е верувајте. .Ако во ек на сезона  не остваруваме профит, ние во зима нема да успееме да работиме. Ќе бидеме прнудени да ги затвориме угостителските објекти , а со тоа голем број граѓани ќе останат на улица, вклучително и самите ние“, вели Зоран Рилковски  угостител од Охрид.

 

Михаил Мишев – претседател на „Угостителски еснаф“

Иста е состојбата кај сите угостители. И оние со помали и оние со поголеми капацитети  се` уште  „дават“ во  долгови. Трошоците се огромни, закупнини, урбана опрема, даноци, плати…..

 Сите прогнозираат  тешка  зима  во која ќе следат голем број отпуштања на вработени и затворање на кафулиња и ресторани.

-„Бележиме голем пад на приходите. Неизвесноста е голема. Не знаеме дали ќе има втор бран,  дали ќе има нови рестрикции. Надеж е дека нема да не погоди втор есенски, нов бран на корона па некако да ја преживееме зимата“, вели   Михаил Мишев претседател на угостителскиот еснаф.

Голем дел од сезонските работници во угостителските објекти ова лето останаа без работа.

 

Хотелите „живуркаат“  со ваучерите за домашен туризам

 

Крсте Блажески – претседател на хотелската асоцијација ХОТАМ

Охридско струшките хотели работат само со домашни гости. Странски туристи нема. Најголем дел од македонските туристи  користат ваучери за домашен туризам.  Сите договори со  странските гости, кои ги имаше во огромен број до лани,  беа  раскинати. Во градот ова лето има само мал број на туристи од странство  и тоа единствено од Полска.

-„Оваа година не гледаме кој колку ќе заработи, туку кој ќе успее да ја преброди кризата. Како ќе ги исплатиме сите трошоци, плати , даноци и да опстанеме. Морам да напоменам дека до лани ни беше проблем да најдеме работници, недостигаа кувари, келнери. За жал оваа сезона голем дел од нив останаа без работа. Следува една голема криза. Надежта е да се стигне брзо да се стигне до вакцина за што поскоро да се вратиме во колосек“, вели Крсте Блжески претседател на хотелската асоцијација ХОТАМ.

Хотелите бележат исполнетост од околу  60% , но само  од 15 јули до крај на август. Претходно беа три и пол месеци под клуч, без никакви приходи.

И во хотелскиот сектор прашањето е кој од објектите ќе остане да работи и преку зима, или ќе бидат затворени како пред децении, а со тоа илјадници вработени во хотелскиот сектор ќе останат без приходи.

Туристичките агенции  бараат помош од државата  за да ги зачуваат работните места

 

Олег Маленко – сопственик на ТА „Виспој“ Охрид

Во секоја економска криза, а во овој случај со пандемијата  најпогоден сектор во економијата е туризмот (туроператори, туристички агенции, хотели, транспорт, угостителство…)

Туризмот е комплексна гранка од која директно и индиректно трпат штети и трговците и целата економија,  а со тоа и државата.  Доколку државата не помогне,  агенциите ќе мора да ги  испуштаат  вработените, стручниот кадар во кој со години инвестирале.

-„Во услови кога сите ја очекувавме сезоната 2020 година се случи затварање на целокупната туристичка дејност. Во конкретниов случај затекнати сме сите подеднакво и правиме напор со помош од државата да ги покриеме основните трошкови , како би можеле да ги задржиме вработените! За да изградиме еден одличен туристички работник треба инвестиции во обуки, курсеви, лиценци и тн. , а сега се доведуваат во прашање тие инвестиции! Доколку државата и ресорните сектори не излезат во пресрет на нашите барања што се доставени до нив како туристички сектор, за жал ќе бидеме приморани да ги пуштиме работниците дома, а потоа тие ќе бидат на терет на државата. Како и да е сега треба државата да анализира дали ќе не помогне со плати, придонеси, даночни олеснувања,режиските трошоци и издатоци! Според информациите што излегуваат од контактите со нашите партнери се доведува во прашање и сезона 2021 година! Во ова прилика испраќам еден апел за здружување на сите засегнати компании да бидат истрајни и обединети во нашите барања кон државата. Во Охрид зима 2019 година е  продолжена до пролет 2021 година“, вели Олег Маленко сопственик на ТА „Виспој“ Охрид.

Најцрните сценарија се затворање на голем број агенции и отпуштање од работа на голем број стручни вработени, кои доколку останат на улица ќе бидат на товар на државата.

 

Филип Стефаноски сопственик на ТА „DMC Balkans Travel & Events“ Охрид

-„Корона кризата предизвика криза од големи размери, туристичките агенти во моментов се најпогодени, очекувам голем број на затварања на туристички агенции, и намалување на вработените во овој сектор. Спасот го гледам во државата, таа мора да се постави како партнер и да помогне на  туристичките агенти, како би го зачувале овој сектор. Намалувањето на вработени во туризмот во моментов е од големи размери, во светот има намален приход од 320 милјарди евра по основ туристички услуги. Се надевам на што поскоро надминување на корона кризата и отварање на границите за опоравување на туризмот и нормализирање на функционирањето во туристичкото работење. Иако мое мислење е дека далеку сме од тоа и дека туризмот допрва го очекуваат тешки денови“, вели Филип Стефаноски сопственик на „DMC Balkans Travel & Events“ Охрид.

Прашање е колку од туристичките агенции ќе успеат да ги зачуваат вработените оваа зима, со оглед на тоа што главните приходи во туристички Охрид и Струга се остваруваат во пролет и лето, за да се преживее зимата.

Туристичките водичи  „сонуваат“  да ги презентираат охридските убавини

Туристичките водичи и пратители оставени на милост и немилост во пандемијата. Без странските туристи немаат ниту еден ангажман.

 

Климент Наумов претседател на туристички водичи Охрид

Околу 200 едуцирани водичи,  кои со години   ги претставуваат убавините  пред странските гости , се жалат дека  се заборавени од државата.

Ако  до лани главните приходи ги остварувале од водење групи почнувајќи од март до октомври , годинава  поради пандемијата нивните приходи се нула.

„До  ден денеска никој не се сети на туристичките водичи. Иако во неколку наврати  конкретно од Македонската асоцијација за туристички водичи и придружници во два два наврати побаравме од Владата од Министерството за економија и финансии, но до ден денеска никаков одговор не е добиен“, вели Климент Наумов претседател на Здружение на водичи од Охрид. 

Голем дел од водичите бараат алтернативни решенија, но  и  очекуваат пакет мерки за помош од Владата.

„Нашите ангажмани во еден догледен период ќе бидат нула ние сме првите кои ги изгубија ангажманите и ќе бидеме последните кои што ќе рестартираат со работа. За жал тоа е реалноста се надеваме и апелираме до надлежните институции да ја разгледаат можноста и да не удостојат  со одговор на нашите барања“, вели Наумов.

Распоредите на водичите за оваа сезона им беа  потполно исполнети, но за жал поради пандемијата сите анагажмани им се откажани до  март 2021 година.

 Изработувачите на брендираните охридски занаети  едвај „крпарат“

Пандмеијата силно ги погоди и  брендираните охридски занаети. Иако пребродиле многу кризи во минатите векови  традиционалните занаетчии трпат  огромни загуби. Станува збор за семејни мали бизниси, кои достоинствено ја претставуваат маедонската култура и традиција.

Загрижени се за својот опстанок и охридскиот бисер, познатиот филигран и кожарите, бидејки оваа година едвај    „крпарат“.

 

Михајло Филев – изработувач на оригинални охридски бисери

-„ Вирусот ковид 19 претставува невидлив непријател на целото човештво,кој ги загрозува човечките животи и ја пустоши целата светска економија,туризмот и сите пори на нормалниот живот.Поради тоа никој на светот не е поштеден од некаква последица причинета од корана вирусот така да и традиционалните занаетчии вклучувајќи го и еден од најпознатите занаети и препознатлив бренд на Македонија Охридскиот Бисер кој исто како и сите останати ги трпи последиците и се бори со сите предизвици да опстане како што опстанал скоро еден век,бидејки занаетот е директно поврзан со туризмот и странските посетители на Охрид и Македонија кои доаѓаат да ги посетат сите традиционални атрактивни содржини. Во овие тешкки услови сите луѓе се спречени нормално да функционираат.Се надевам човештвото  ќе победи,ќе  се изнајде решение да се стави се под контрола и повтрно да функционираме нормално“, вели Михајло Филев изработувач на Охридски бисери.

 

Елена Белева  изаботувач на кожни производи

-„Како и кај  сите  занаетчии , така и кај нас доста тешко ја пребродуваме корона кризата. Во ова време – невреме мислам дека конечно сфативме  колку сме станале туристички град , кој што најмногу зависи од странските туристи. Кризата ја чувствуваме директно бидејки годинава  странски туристи нема, посетеноста којашто е на многу ниско ниво според мене ќе  се одрази дури по завршување на летната сезона. Сметам дека не очекува тешка зима“, вели Елена Белева кожар од Охрид.

Павлина Шикалеска – изработувач на филигран

„Ние како филигранско ателје фамилија Шикалески, ПС Филигрее осетивме драстичен пад во прометот во споредба со лани за  околу 80%.Охрид како туристичка дестинација целокупниот промет го остварува на лето, но оваа година немаме странски туристи кои посебно се интересираа за рачната изработка на нашиот накит и тоа на лице место во самото ателје имаа можност да ја видат целосната постапка на правење парче накит од топење  на сребро, изработка на жица и на крај спојот на жиците во парче накит. Исто така оваа година немавме прилика да го продожиме „ filigree experience“ начин на   самостојна изработка на накит од самиот купувач. Изостануваат и часовите за филигран за кои лани имаше голем интерес. Лани имавме неколку ученици воглавно од странство, првата ученичка беше од Холандија, на кои ги пренесувавме тајните за изработка на филигран“, вели Павлина Шикалеска изработувач на филигран од Охрид.

Белата флота остана закотвена на градското пристаниште

Охридската бела флота остана закотвена четири месеци. Штетите се огромни. Стотина семејства,  кои својата егсистенција ја обезбедуваат од прошетката  на туристи  се загрозени.

Целиот екипаж, капетани, бродари, морнари стравуваат дека оваа сезона нема да можат да ги подмират ниту основните трошоци.

Нема точни податоци колкави се штетите на белата флота оваа сезона, но според слободните проценки на бродарите тие бележат пад од околу 90%.

 

Горан Устијаноски – Капетан на Капетанија на пристаништа

„По воведувањето на вонредните мерки во март, охридските бродари не добија забрана за пловење по Охридското Езеро, но поради немање гости, тие не пловат. Нема интерес за прошетки по eзерото и тоа е единствената причина поради која овие пловни објекти останаа закотвени во сидриштата на брегот. Какви ќе бидат штетите врз бродарството, ќе се знае кога ќе се направат потемелни анализи, но повеќе од јансо е дека штетите се огромни”, вели капетанот на Капетанијата на македонските пристаништа Горан Устијаноски.

Доведена е во прашање егзистенцијата на сотина семејства кои живеат од бродарство на брегот на Охридското езеро.

Научната фела: Потребни ќе бидат години да се  опорави туризмот

Ќе бидат потребни неколку години за Охрид да се врати на туристичкиот пиедестал, прогнозира научната фела.  После 2001 година  кога е забележан пад од 50%,  2020 година ќе биде впишана  како најцрната туристичка година со драстичен   пад од околу  60 тина проценти.  

Загрижува тоа што анализите покажуваат пад на приходите за   цели 50 %, што силно ќе се одрази врз локалната економија особено во  Охрид и Струга.

 

Професор Цветко Андреески – декан на ФТУ Охрид

„Ги немаме странските туристи  кои што издвојуваа двојно повеќе средства во однос на домашните туристи, иако остваруваа помал број на ноќевања. Очекувањата се дека за 40 до 50% ќ биде намеален приходот од туризам во  нашата држава. Ако лани остваривме некаде околу 400 милиони долари приход оваа година очекуваме во најдобар случај да биде некаде половина од тој износ“, вели професорот Цветко Андреески.

За спас на туризмот државата врденаш по завршувањето на пандемијата мора да работи на субвенционирање  на тур оператори и евтини авио линии за што поскоро враќање  на странските гости.

„Ако ја споредиме оваа криза со кризата во 2001 година ке видиме дека псоле таа криза биле потребни 10 години да се вратиме на оние бројки кои сме ги имале во 2000 та година. Сега не смееме да си го дозволиме тој лукуз  да чекаме 10 години за да се преземат мерки за развој на туризмот. Мора да се работи веднаш“, вели Андреески.

Најдобрата  година за туристичкото стопанство во Охрид била далечната 1987 година,  кога на брегот на Охридското езеро имало  4 милиони ноќевања,  по неа 2019 година  имаше рекордни 1 187 000 туристи, кои остварија   3 200 000 ноќевања.

Останува отврено прашањето  колку од туристичките, хотелските и угостителските капацитети ќе успеат да ја пребродат корона кризата.

 Aвтор  Соња Рилковска

Сторијата е изработена како дел од Програмата за жени новинарки, проект кој го спроведува ПИНА со поддршка од Цивика мобилитас. Содржината на текстот е единствена одговорност на ПИНА и на ниту еден начин не може да се смета дека ги одразува гледиштата на Цивика мобилитас, Швајцарската агенција за развој и соработка (SDC) или организациите што ја спроведуваат.

 

Social profiles

Охрид

Струга

Вевчани