Од утре 3 септември стартува новата учебна година.
Почетокот на учебната година дополнително ги зголемува трошоците во семејниот буџет. По враќање од летните одмори, почнува трката по набавка на учебници и училишен прибор. Од 50-тина до 100 евра само за почеток на училишната година во секое семејство.
Ученици од прво, второ и трето одделение ќе добијат нови учебници. За овие одделенија секоја учебна година ќе се печатат нови учебници, но не како што беше пракса досега да се печатат само оние во кои децата пишуваат или цртаат, рече министерот за образование и наука. До училиштата ќе бидат доставени и 22 коригирани учебници за основно образование за учебната 2018/2019 година, кои се набавени во целосен тираж од Министерството. Станува збор, како што рече министерот за образование и наука Арбер Адеми, за коригирани учебници по предметите математика од прво до деветто одделение, природни науки од прво до шесто одделение, биологија од седмо до деветто одделение, хемија од осмо до деветто и физика од осмо до деветто одделение. Во делот на средното образование, во тек е процесот за изготвување нови 31 учебник за стручно образование. Новина е што учебниците ќе бидат во слободна продажба во издавачките куќи по иста цена по која ги откупува Министерството за образование, право што годините претходно го немаа издавачките куќи.
