Политички препукувања за организираниот превоз на учениците.
СДСМ обвинува за неспособност:
-Очигледно локалната власт во заминување, предводена од Бакрачески и ДПМНЕ, по теркот на нивниот лидер, Груевски, сака по нивното заминување да остави тотален хаос. Јасно е дека тие никогаш не се грижеле за потребите на граѓаните, но апсолутната негрижа за учениците говори за нивното лицемерие и безобразие. На само неколку дена до почетокот на новата учебна година, учениците во основно образование кои досега го користеа организираниот превоз, сега ќе мора да се снаоѓаат како знаат и умеат бидејќи Бакрачески и неговите експерти, навремено не избрале превозник кој ќе го спроведува тој превоз.
Оваа неспособна локална власт веројатно преокупирана со партиските приоритети, директно е најодговорна за тоа што оваа учебна година, образовните институции ќе ја започнат неподготвени. Тие мислат дека со бојадисувањето на училниците и бришење прашина од клупите ја завршиле работата и подготвени се да ги примат учениците.
Го потсетуваме Бакрачески дека според Член 61 од Законот за основно образование
цитираме: „ (1) Ученикот има право на бесплатен превоз ако местото на живеење е оддалечено најмалку два километри од најблиското основно училиште. “
Се чини дека Бакрачески и оваа локална самоуправа се премногу блиску до локалните избори, за да се грижат за тоа како од 4ти септември ќе доаѓаат на училиште овие деца.
Почитувани,
Ваквото однесување е крајно неодговорно и непрофесионално. Граѓаните се свесни и ќе ја казнат оваа локална власт за ваквата негрижа на престојните локални избори. По 15ти октомври, во Охрид ќе имаме нова локална власт предводена од Социјалдемократскиот Сојуз, власт која ќе се грижи за унапредување на образовниот процес и максимална грижа за сите ученици.
Од општина Охрид возвратија:
Продолжуваат обидите на СДСМ Охрид, за потценување на интелигенцијата на охриѓани. Навистина се прашуваме како е возможно некој да мисли дека граѓаните ништо не паметат и со евтин политички маркетинг во пресрет на избори се обидуваат да покажат грижа за образованието и образовниот процес.
Каде им беше грижата за образованието и за тендерските постапки за превоз во периодот кога тие го водеа Охрид? Зошто тогаш не се погрижија да направат нешто со кое ќе ја спречат администрацијата предводена од СДСМ да ги реализира најскапите тендери за превоз во Република Македонија?
Следствено на така скапите тендери за превоз на ученици следуваше големи долгови на општина Охрид по основ на превоз на ученици. Најлошо од се што оставија се навиките кај економските оператори кога е во прашање тендерот за превоз на ученици да се нудат цени многукратно повисоки од реалните. Грижата на оваа Локална самоуправа предводено од градоначалникот Никола Бакрачески во овие четири години е комплетно насочена кон тендерски постапки каде ќе се постигнуваат ниски цени и истите тие тендери општината да може финансиски да ги подмири. Резултатот од таквото работење е нула денари долг во средните училишта и драстично намалени долгови во основните училишта.
Тендерските постапки за превоз на ученици се комплетно завршени во средните училишта, а во неколку основни училишта постапките се поништени од страна на директорите поради постигнати повисоки цени од пазарните. Овие постапки се обновени и се очекува за неколку дена да завршат. Директорите на основните училишта во рамки на своите законски можности ќе обезбедат превоз за секој ученик на територијата на општина Охрид за што на првиот училишен ден ќе бидат известени учениците и родителите.
Ние работиме исклучиво согласно важечките законски прописи, а не се обидуваме да нагаѓаме како што тоа континуирано го прави СДСМ Охрид.