Приватните апартмани и помалите хотели во центарот целосно исполнети

 

Приватните сместувачки капацитети на брегот на охридското крајбрежје бележат поголема исполнетост во однос на хотелските.

Апартманите во централното градско подрачје се речиси целосно букирани за време на Велигденските празници.
Аранжманите се од два до четири денови, а интересот е поголем бидејќи цените се речиси исти како и минатите години.

„Најчесто гостите се повторно домашни, но ги има доста и од Србија, има и од странство во приватен аранжман, некои од нив и преку туристички агенции. Има во целина скоро од секаде од цела Европа, меѓутоа повторно најбројни се домашните гости и од соседна Србија. Најчесто ги букираат блок деновите петок, сабота, недела и понеделник , односно резервациите се најчесто од три до четири денови. Кај домашните гости има дел  кои доаѓаат  само за два дена “, вели Александар Момироски.

Помалите хотелски капацитети во центарот на градот се речиси потполно исполнети. Радува тоа што групите гости од САД после двегодишна пауза повторно доаѓаат на брегот на Охридското езеро, како дел од Балканската тура и посета на Грција, Албанија, Србија и Македонија.

„За Велигденските празници хотелскиот капацитет е исполнет. Имаме гости од САД во моментов. Исто имаме и домашни гости, но повеќето се странци. Ги интересира нашата религија и култура за тоа како го славиме нашиот празник. Имаме добра исполнетост и за Рамазан и за Први Мај, кога најчесто се домашни гости и од соседните земји од Балканот. Горе долу верувам ке биде добро и ќе има солидна исполнетост. Малку влијае секако кризата немаме гости од Украина и Русија, но се надеваме што поскоро да заврши војната и да се врати се во колосек“ вели Маријан Трпески менаџер во хотел „Сити Палас“.

Поголемите хотелски капацитети надвор од градот бележат послаба исполнетост со гости.

Новинар Соња Рилковска

Social profiles