Уште два денови е отворена изложбата на единствениот среброрезец во Охрид, Боро Митрески Минта, насловена 33 Христос живот за спас на човештвото. Во Куќата на Робевци во Охрид се изложени 33 микроекспонати, уметнички дела, рачно изработени на сребрени плочки, односно 33 парчиња уметнички сребрен накит, кои ги симболизираат годините кои ги имал Исус Христос кога пострадал. Изложбата беше отворена на 8 септември со уште една симболика 33-годишнината од независноста на Македонија.
-„Се работи за микроекспонати изработени посебно со лупа, затоа што се навистина ситни детали за да се добие тој барокен вез на иконата која ја насликувам односно која ја длабам во среброто. Имено идејата ми беше пак поврзана со 33 годините на исус до неговото распетие до неговата маченичка смрт, изработив точно 33 дела. Во негова чест, односно во чест на мајката Божја, синот, Богомладенецот и распетитето се претставени на изложбата која се уште е отворена“, вели Боро Митрески среброрезец.
Единствениот среброрезец во Охрид е човек што службувал во безбедноста, работел во СВР Охрид, посветувајќи се половина век на каратето, но и три децении кон уметноста, на филигранската обработка и резба на некои метали како златото, среброто и бакарот. Неговите фасцинантни сребрени експонати се естетика за душата, спој на македонскиот вез, уметноста на тантелата, и барокната резба на нашите копаничари.
-Најпрво почнав со бакрорезот, а потоа ми дојде идеја да му дадам малку поголемо значење на среброрезот и тоа од причина што во христијанството среброто ја претставува Боженствената мудрост. Од тука беше таа исцрпувачка идеја за тие микроекспонати токму на сребро. Ништо не е тешко ако се работи со љубов. Најпрвин користам бакрописна игла за контурите а потоа со длета од челик, изрежени на врвовите со различни форми за различен ефект“, додава Митрески.
Ова е прва ваква изложба во Македонија. Изложбата на Боро Митрески – Минта во Робевци, ќе биде отворена за посетителите до 15 септември во периодот од 9 до 20 часот.
Новинар Соња Рилковска