Голем број предизвици во инклузивното образование во земјава

Во наставата во редовните основни училишта во Македонија вклучени се 2000 ученици со попреченост, додека во средните училишта околу 300. Согласно законот на сите овие деца им следува образовен асистент. Еден асистент може да покрива и до три деца. Овие деца и нивните родители и наставници  секојдневно се соочуваат со безброј предизвици. Недостиг на образовни асистенти, недостиг на стручни тимови, недостиг на квалификуван кадар,  инфраструктурни бариери, стигма, дискриминација……

Училишната година започна без образовни  асистенти

Оваа училишна година започна без  образовни асистенти,  бидејќи немало предвидено средства во буџетот, но од  министерството за образование велат од следната година системски ќе го решаваат  овој проблем.

-Сите 815 образовни асистенти деновиве  ќе започнат со работа во училиштата изјави министерката за обвразование. До крајот на септември треба сите најавени 1115 да почнат со работа, истакна Јаневска.

-Постоеше недостаток на образовни асистенти и токму затоа во новата учебна година ќе бидат ангажирани над 1000 стручни лица, најмногу досега. Образовните асистенти им помагаат на учениците со попреченост полесно да ги совладуваат училишните обврски и да го достигнат својот полн потенцијал. Со новиот Закон за средно образование кој се подготвува во моментов, образовни асистенти ќе се ангажираат и во средните училишта, каде досега образовна асистенција се обезбедувала преку разни проекти на локалните самоуправи и меѓународни организации. Со овие измени државните средни училишта за деца со попречености ќе се трансформираат во средни училишта со ресурсни центри и ќе функционираат на идентичен начин како и основните училишта со ресурсни центри. Тие ќе обезбедуваат кадровска и друг тип на поддршка за редовните средни училишта при организирањето на наставата за учениците со попреченост, велат од Министерството за образование и наука.

Министерката Јаневска планира и законски да се регулира асистентот кој е доделен на детето, да продолжи да работи со него низ годините, односно да не им се менуваат асистентите на децата кои веќе се навикнале да работат со нив.

-Менувањето на асистентот на децата со попреченост во училиштата може да има влијание врз нивниот секојдневен живот велат психолозите. Да предизвика дополнителен стрес, да се изгуби желбата за учење, да предизвика иритации и вон училиштето.

Комисијата за спречување и заштита од дискриминација реагираше за доцнењето на ангажманот на асистенти во училиштата и апелираше до МОН да ја почитува обврската за обезбедување на правото на образование за секое дете без дискриминација.

Јаневска вели се работи на системско решение за ангажманот на образовните асистенти, односно најави дека во новите закони за основно, средно и средно стручно образование ќе се определи рок во кој треба да биде завршена целата постапка, односно во месец јуни веќе ќе се знаат образовните асистенти за следната учебна година.

И училиштата и наставниците немаат капацитет за инклузивно образование

Стручната фела смета дека образовниот систем не е подготвен за целосно инклузивно образование. Секое училиште треба да има екипиран стручен тим со педагог, психолог, дефектолог, што не е случај. За инклузивно образование потребно  е комплетно инфраструктурно и кадровски опремување на училиштата.

-„Предизвиците, педагошката работа  на професорите е многу сложена со многу големи одговорности меѓутоа во прашање е и  нивната подготвеност односно педагошката компетенција да се справат и да одговорат на потребите на оваа категорија на ученици. Пред оваа ситуација на инклузивно образование освен академската фела, пред голем предизвик се ставени и самите професори, стручните тимови мегутоа секако и семејствата и самите ученици“ , вели Елизабета Томевска Илиевска – доктор по педагошки науки.

Не само што недостигаат стручни тимови, училиштата немаат ниту соодветна инфраструктура, Потрребни се лифтови, тоалети, засебни простории, дидактички алатки. Комплетно инфраструктурно и кадровско опремување на училиштата.

-„Бројот на лицата, за жал со попреченост од ден на ден, од година во година се зголемува. И навистина ќе биде еден голем предизвик за овие наставници, за мене големи ентузијасти, да се соочат со овој проблем и правилно да работат“, вели  Горан Ајдински од Инстутот за специјална едукација и рехабилитација.

-Не се прифаќа никаква апологетика за немањето согласност за асистенти за деца со посебни потреби. Но да бидеме реални, концептот на инклузивно образование во Македонија ни е тотално погрешен. Наместо да креираме околина каде сите деца, независно на разликите, ќе бидат вклучени во образовниот процес заедно со нивните врсници преку гемификација, ние ги седнуваме на посебна клупа со асистенти и им даваме посебни задачи „прилагодени” за нив. Задачите треба да бидат заеднички, а улогите различни, при што ќе се стимулира емпатија, ефикасна комуникација и тимска работа, зошто и тие деца ќе треба во иднина да бидат подеднакво вклучени во општеството, да решаваат проблеми во синергија со останатите, а не да се стигматизираат како проблем, вели професорот Анис Сефиданис.

Општината и државата заедно работат на поквалитетно инклузивно образование

Од Секторот за образование велат има недостатоци во инклузивното образование, но се работи на подобрување на квалитетот.

-При конципирањето на проектот за инклузивно образование генерално министерството за образование ги презело обврските само за основните училишта и таму навистина се потребни реформи во рамки на ресурниот центар во Битола од каде што ние ги добиваме асистентите . се соочивме со два проблеми. Првиот проблем беше што самите родители не ги класифицираат своите деца, што е основен услов за добивање на образовен асистент. И почнавме да работиме, да ја отвораме таа тема нема ништоо срамно да се случи тој процес бидејки е основа за добивање на тие бенефити и од страна на државата и од општината. И сега веќе тој процес доби динамика како што треба, меѓутоа државата се уште многу малку определува асистенти кои што се потребни за во основното образование. Тука ние немаме надлежности и не можеме да помогнеме во тој дел. Но со новиот состав во министерството за образование веќе се размислува за нови концепции и за подобрување на инклузивното образование во рамки на основните училишта, вели Димитар Спасески раководител на Секторот за образование.

Општината обезбедува образовни асистенти за средните училишта.

-Во рамки на средните училишта ние имаме еден проект кој долги години во соработка со УНДП дел од средствата ги добиваме како резултат на тој проект,  дел средства се издвојуваат од општинскиот буџет и имаме ангажирано образовни асистенти. Оваа година имаме вкупно 6 асистенти,  кои што се од помош на учениците во средното образование . за среќа во средното образование и немаме голема потреба од асистенти и дополнително обезбедуваме образовни асистенти и за средното угостителско училиште иако тоа не ни е надлежност сепак таа грижа за младите луѓе доколку има потреба ние им обезбедуваме, додава Спасески.

Дел од училиштата се подготвуваат за инклузивно образование

Единствено училиште во Охрид  каде има инфраструктурни подготовки за инклузивно образование  е ОЕМУЦ Св Наум Охридски. Тие за прилагодување кон инклузивно образование добија грант од ЕУ во висина од 100 000 евра.   Имаат два специјализирани  тоалети за ученици со посебни потреби, тактилни патеки за слепи ученици и лифт за инвалидизирани ученици.

-Реално имаме повеќе ученици кои треба да се вклучени во ијклузивно образование но тука постои проблем дел од родителите не прифаќаат дека нвните деца има потреба од образовен асистент. А за да се додели образовен асистент задолжително треба да има целосна медицинска документација Досега општината има проект и не поддржува со обезбедување на образовни асистенти  во моментов имаме пет и пет ученици се покриени , сепак не е доволно иамме потреба за седум осум деца кои се официјално запишани. А во новиот закон стои задолжително вработување на асистенти доколку се применува инклузијата во училиштето, вели Сашо Недески директор на ОЕМУЦ Св Наум Охридкси..

Во охридската гимназија има само еден ученик посебни потреби за кој се грижи еден образовен асистент. Имаме повеќе ученици кои се соочуваат со потешкотии во учењето, но еден ученик категоризиран како ученик со посебни потреби.  Асистентот му помага на ученикот во совладувањето на наставата и задачите, но тоа не е доволно за инклузивно образование, велат од охридската гимназија.

-Потребни се целосни стручни тимови , дефектолог, педагог, психолог,  социјален работник кои што тимски ќе работат преку зголемување на стручната служба во училиштето. На тој начин ќе може да се усовршува тој инклузивен модел на образование. Дополнително потребни се инфарструктурни подготовки и реформи.Потребно е уште многу да се работи инфраструктурно лифтови, тоалети, патеки посебни простории за потребите на децата. Токму затоа во минатото иимаше посебни училишта каде што имаше обезбедено услови, тимови на стручни лица, а сега  за жал нема, вели професорот Перчо Божиноски.

Во државното угостителско училиште „Ванчо Питошески“ во Охрид  има четири деца со псоебни потреби, а три асистенти. Од училиштетот велат наскоро се очекува да биде ангажиран уште еден асистент, дополнително се размислува за воведување на пристапност.

-Се работи на воведување на инклузивна инфраструктура. Имаме  два пристапни  тоалети за деца со посебни потреби, има рампи за движење на инвалидизирани во количка. Немаме лифт, немаме тактилни патеки, но во домот за ученици имаме прилагодена  соба за деца со посебни потреби, посебен пристапен влез и тоалети“ , вели професорот  Марјан Радески директор на РЦСОО „Ванчо Питошески“ Охрид.

Невладините сметаат дека концептот на инклузивно образование е погрешен

Пред неколку години образованието на глувите беше сосема поинакво и отворено ќе кажам не сум воопшто поддржувач на инклузивно образование. Претходното образование кое го добиваат глувите и наглувите лица во специјализирани училишта , каде сите учители односно цела образовна програма се одвиваше на знаковен јазик и децата од мали се учеа на знаковен јазик. Децата од Охрид одеа во Битола за основно, а понатаму продолжуваа во средно училиште „Партение Зооографски“ во Скопје каде програмата и комуникацијата беше на знаковен јазик. И во образовниот процес немаше никакви пречки тоа беше една успешна приказна, вели Славица Стефановска секретар во Здружението на глуви и наглуви Охрид.

-Денес со ова инклузивно образование глувите деца влегуваат во редовни паралелки некои добиваат образовни асистенти јас ке кажам вака допрва ќе имаме изгубени генерации зборувам како човек од пракса. Образовен асистент, меѓутоа што може еден образовен асистент да му помогне на едно глуво дете. На глувите деца им треба асистент кој го зборува знаковниот јазик и тоа што го зборува професионално  за да може да го научи на знаковен јазик. Затоа што може да е дете на здрави родители и нема од каде да го научи знаковниот јазик.Само со таков образовен асистент глувото дете ќе може да има успеси и да посетува редовна паралелка и нема да смета на останатите деца, појаснува Стефановска.

Вакво инклузивно образование не. Образовен асистент да седи на часови до детето и да му вели седи мирен молчи . Треба да бидеме свесни дека не сме подготвени како општество за инклузивно образование. Ние не сме богата држава која може да обезбеди за секој ученик личен образовен асистент согласно неговата попреченост и потреба. Кој ќе е специјализиран за потребите на детето за глуво, слепо, аутистично, инвалидизирано дете и слично, вели Стефановска.

-Ова е едно од најважните прашања  не мора да се вратиме на старото децата да одат во интернати сега е модерно време, но може да се најдат модули поинакви како да функционираат тие специјални училишта со стручни и специјализирани тимови согласно потребите на учениците со посебни потреби. Може со автобус до Битола или регионалн општински центри со предавања на соодветен начин согласно потребите на детето и од нив да израсне една успешна возрасна личност. На рамноправно ниво вака не сме рамноправни. Не сум против асистентите, но потребна е специјализација, вели Стефановска.

На децата со ретки болести им е потребна поголема поддршка и разбирање.

-Ќе тргнам од моетот дете, на Давид има ретка болест, но не му требаше асистент него му требаше разбирање од професорите за проблемите со слухот. Да имаат разбирање кога зборува е погласен во одговарање, но и недослушува кога разговара усно. Но има ученици на кои им треба образовен асистент но и за децата кои имаат физички инвалидитет потребно е човек кој ќе му помага за тоалет, за одмор, за набавка на храна….. Обично тоа се атрофии и дистрофии поврзани со ретки болести, кои за жал ги имаме се почесто. Големи се предизвиците на родители и на учениците. Секое дете е различно, има различни потреби. Некои имаат лесна попреченост, некои потешка. Потребно им е разбирање и помош, вели Гордана Лолеска од Здружението „Ретко е да си редок“.

Треба да се следи примерот како инклузивното образование се спроведува во високо развиените земји. Не секое дете може да биде вклучено во инклузивно образование.

-Потребни се специјални училишта за децата со потешки форми на ментална болест, а оние со полесна попреченост да бидат вклучени во образовниот процес. Многу погрешно е сите деца да бидат во инклузивно образование, затоа што не се сите способни. Има еден добар пример во Холандија, проект на еден терапевт. На среде школо има таканаречена училница на тркала, каде учат децата со најтешки форми на попреченост, физичка интелектуална. Тука има библиотека и слични работи кои им требаат на останатите деца, и мора да влегуваат и автоматски се сретнуваат со овие деца.  Тие се дружат со нив на часовите по музичко, ликовно, слободни активности, на одмори,  додека на останатите часови се одделно. Имаат различна програма. Тоа е еден вид парцијална инклузија, која сигурно е посупешна од овој модел кај нас, вели Весна Габелоска од Здружението ВОПС Охрид.

Фото Уницеф
Фото Уницеф

Нашата земја уште многу треба да работи на воведување на квалитетно инклузивно образование

Потребни се реформи за квалитетно инклузивно образовани. Децата со попреченост се особено изложени на ризик од пропуштање на училиштето. Речиси три од четири деца со попреченост воопшто не одат на училиште, главно поради стигма, физички бариери, недостаток на услуги за поддршка и ниски очекувања на родителите, покажуваат истражувањата на Уницеф.

-Потребни се итни реформи што ќе ѝ помогнат на земјата да создаде пристапно квалитетно образование, за да се исполни потенцијалот на секое дете, кое понатаму ќе придонесе кон општеството, подобрување на економијата, намалување на сиромаштијата и кон политичко стабилизирање на земјата за таа да стане развиена и просперитетна каде сите деца ќе имаат еднакви шанси за опстанок и напредување. Постојано инвестираме во создавање ресурси, прирачници и упатства за инклузивно образование, кои ќе се користат за подобрување на пристапот и учеството на сите деца во процесот на настава и учење, и ќе го подобрат нивниот успех, велат од УНИЦЕФ.

Според УНИЦЕФ квалитетното образование единствено може да биде постигнато кога секое дете, вклучувајќи ги и најмаргинализираните и исклучените деца, е во училиште и посетува квалитетно инклузивно образование што му го овозможува учењето коешто му е потребно во животот.

-Македонија беше една од првите држави што го започна процесот на развој на обука за наставникот, со цел да се систематизира инклузивното образование.Наставниците се најважните реализатори на промените и суштински за социјалната инклузија, како и за промовирање на учеството и учењето за сите деца.. Системите за инклузивно образование обезбедуваат добра настава за сите деца, која е заснована на стандарди, но создаваат и услови за одредени групи деца на кои може да им бидат потребни насочени/целни интервенции или поддршка, како и за поединечни деца на кои им е се потребни интензивни интервенции или поддршка за осигурување на нивното учество и учење, стои во Прирачникот за инклузивно образование на УНИЦЕФ.

УНИЦЕФ постојано повикува на зголемени инвестиции за подобрување на квалитетот на инклузивното образование.

 

Со овој текст, Охрид Нет се приклучува на иницијативата за зголемена транспарентност на институциите што Институтот за комуникациски студии ја спроведува во соработка со медиумите во рамките на проектот „Користи факти“, кој е поддржан од Британската амбасада.

Social profiles

Охрид

Струга

Вевчани