Реакција на поддржувачите на штрајкот на СОНК, вработени во охридската гимназија.
Реакцијата ја објавуваме во целост.
-Во врска со најновите информации кои произлегоа од средбата меѓу претставници на СОНК и членови на Владата, чувствуваме потреба да ја изнесеме пред јавноста вистината околу барањата на просветните работници, бидејќи се добива погрешен впечаток за причините за штрајкот. Со жалење можеме да констатираме дека во моментов исклучиво се преговара за проценти. Факт е дека бараме покачување на платата и понудените 12% се прифатливи, ама тоа е најмалиот наш проблем. Покрај тоа на маса ги ставивме и проблемите со кои со години се соочуваме, а до сега СОНК со ниедна влада не успеа ни делумно да ги реши. Доста ни е од ветувања (а и сега тоа се случува) дека ЌЕ се формира комисија која ЌЕ преговара за правото на превоз на вработените, ЌЕ преговара за регрес за годишен одмор, дека ЌЕ ни биде платена дополнителната работа, ЌЕ ОТПОЧНАТ преговори за нов Колективен договор според кој конечно ќе ја добиваме платата што законски ни припаѓа, а никогаш не ни била исплатена. Она што се смета дека нас ни е во рамките на работата, а не се плаќа (додека во минатото се плаќаше), за пратениците, министрите итн. претставува дополнителна работа која дебело си ја наплаќаат. Ние, просветните работници кои учествуваме во создавање на иднината на државата, сега сме ставени на ѕидот на срамот како да бараме нешто што не ни припаѓа. Не џабе се рекло дека ако сакате да уништите еден народ, прво уништете го образованието. Кај нас тоа одамна се случува и за жал, успешно продолжува, стои во реакцијата од поддржувачите на штрајкот организиран од СОНК, вработени при ОСУ ,,Св.Климент Охридски”- Охрид