Рисима Рисимкин-три децении синоним за македонска танцова авангарда

Поранешната балерина со остварени голем број улоги, сега синоним за македонска танцова авангарда, Рисима Рисимкин, вчеравечер во рамките на програмата на „Охридско лето“ го одбележа јубилејот, 30 години кореографско творештво. 

 

Во нејзина кореографија и режија, во предворјето на црквата „Света Софија“ беше прикажана претставата „Идентитети-историја на еден растегнат сон“. Прекрасната визуелна слика што се движеше 40-тина минути на сцената пред преполното гледалиште, ја донесе извонредно креативната танчерска екипа на „Скопје танцовиот театар“, а магијата беше надополнета со музиката на Тони Китановски, со костимите изработени од Благој Мицевски и дизајнот на сцената што го направи Матеа Мијановиќ.


-Ова е време на една многу необична ситуација со сето ова што ни се случува со ковид-19. И ние како „Скопје танцов театар“ пет месеци не можевме ништо да работиме освен онлајн. Многу сме среќни што последниов месец успеавме да влеземе во студио. Оваа претстава ја направивме за неверојатно кусо време и мислам дека е одраз на тоа како се чувствуваме ние, каде оди светот, кој е нашиот универзум и кој е заедничкиот универзум, како ние всушност си поигруваме со него, и за жал, не знам каде ќе завршиме. Тоа беше пораката на претставата. Инаку, танчерите работеа одлично. Навистина имав извонредна екипа и сум презадоволна. Се надевам дека и во иднина ќе правиме само убави работи и повторно ќе доаѓаме на „Охридско лето“. Се беше прекрасно и морам да ја пофалам организацијата и високиот професионализам од секој аспект, затоа сме презадоволни од целото гостување на фестивалот, изјави кореографката Рисимкин која целиот свој живот го има посветено на танцот.


Кореографката Рисимкин е посебно поврзана со фестивалот „Охридско лето“ бидејќи нејзините почетоци со организација на современ танц се токму на овој фестивал кој годинава одбележува 60 години од своето постоење.
-Во 1996 година токму овде започнав за првпат со организација на манифестација за современ танц. Тоа беше неделата на модерен балет а програмска селекторка на фестивалот беше госпоѓата Снежана Анастасова-Чадиковска и тогаш на некој начин се отворија вратите за соверемениот танц на „Охридско лето“, се присетува Рисимкин.
Рисима Рисимкин е уметничка директорка на „Танц фест Скопје“ и „Скопје танцов театар“. Редовен професор е на Катедрата за современ танц при Филмската академија на Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип. Како професор за современ танц, импровизација и композиција и кореографија, предавала на унивезитети во Кина, Австрија, Холандија, како и на Бродвеј во Њујорк, САД. Автор е на бројни трудови за современиот танц и теорија на танцот , а е добитник и на бројни награди, меѓу кои и Наградата за исклучителен придонес за развој на културата во Република Северна Македонија.

Social profiles