Состојбата со палењето на трските на струшкото крајбрежје на потегот од Струга кон селото Калишта последниве денови станува алармантна.
Екологистите и експертите по животна средина предупредуваат дека со тоа се загрозува богатата флора и фауна со која располага крајбрежната зона на Охридското Езеро. Тие забележуваат дека секоја година пред почетокот на градежната сезона се случува истото, се расчистува терен каде што подоцна никнуваат плажи и хотелски комплекси.
Само две пријави за запалени трски
На потегот од Струга кон селото Калишта последниве десетина дена граѓаните, но и невладините организации повеќепати алармираа за палење на трските, но во струшката полиција имало само две пријави.
-Во Полициската станица во Струга се добиени две известувања за пријавен пожар на трска на потегот Струга – Калишта. Полициски службеници во двата случаја излегле на местото на настанот и извршен е увид. Преземаме мерки за утврдување на причините за пожарот, изјави портпаролот на СВР – Охрид, Стефан Димоски.
Во струшката пожарна, пак, повеќепати било пријавувано за запалени трски во близина на селото Калишта.
– Нашите пожарникари само овој месец интервенираа пет пати на запалени трски на крајбрежјето. Сметаме дека пожарот намерно се подметнува, бидејќи во сите случаи жариштата се на повеќе места во исто време, потврди за МИА заменик-командирот на Територијалната против пожарна единица во Струга, Ристе Талески.
МИА
