Охридскиот Црвен крст Охрид ги финализира активностите за реализација на ПХВ ШОУ, што на 05.10.2017 (четврток) ќе се одржи во Центарот за култура „Григор Прличев“ во Охрид, со почеток во 20 часот.
Ова шоу претставува финалen производ од овогодинешниот циклус на програмата Промоција на хумани вредности-Црвен крст во акција (ПХВ-ЦКА), кое претставува круна на одбележувањето на Неделата на промоција на хумани вредности. Уникатното шоу го подготвија 30-на младинци од Црвен крст предводени од ПХВ инструкторите.
„Програмата ПХВ-ЦКА е национална програма која обучува млади луѓе на возраст од 14-18 години, да изготвуваат проекти со кои помагаат на целни групи на кои им е потребна помош. Младите се дружат меѓу себе, подобро се запознаваат, ги откриваат и зајакнуваат своите способности, таленти и квалитети. Меѓусебно се поттикнуваат и поддржуваат. Се јакне нивната самодоверба, стануваат потолерантни кон останатите, ги јакнат комуникациските вештини и работат тимски. Младите ја изразуваат својата креативност и ја користат во организирањето на активности преку кои обезбедуваат средства за остварување на нивната цел“, велат од општинската организација на Црвениот крст.
Во Охрид, за време на ПХВ проектниот циклус оваа година се изработија 8 мали проекти, во кои учествуваа 30 младинци и беше помогнато на околу 100 луѓе, заедно со нивните семејства. Младите на Црвен крст Охрид помагаа на семејства со еден родител, на лица со посебни потреби, лица со оштетен вид, надарени деца, деца кои живеат во руинирани средини без елементарни услови за живот, обезбедувајќи за нив музички инструменти, организираа родендени, екскурзии, обезбедија покуќнина и апарати за домаќинство, храна, облека…Во рамки на одбележувањето на ПХВ неделата, беше објавен јавен конкурс за најдобра фотографија и најдобар краток расказ на тема „Препознавање на различностите“. Во рамките на ПХВ-то ќе бидат презентирани најдобрите 3 раскази и најдобрите 3 фотографии според оценка на стручните комисии на Црвен крст Охрид и за нив ќе бидат обезбедени соодветни пригодни награди.