Поштенска марка „Деца со ретки болести“ промовираа денеска Здружението на граѓани за ретки болести „Живот со предизвици“ и АД Македонска пошта.
Ова е прва ваква поштенска марка во светот. Автор на поштенската марка со номинална вредност од 48 денари е дизајнерот на Бирото за филателија, Лоран Куфало, а е издадена во тираж од 6.000 примероци.
Претседателот на Здружението на граѓани за ретки болести „Живот со предизвици“, Весна Алексовска денеска на промоција на поштенската марка рече дека се ентузијасти дека таа помогне во подигнувањето на свеста за ретките болести.
Таа посочи дека идејата на поштенската марка потекнала од Гордана Лолеска од Охрид и за восхит е тоа што таа го направила со желба да им помогне на децата со ретки болести.
– Да имаш ретка болест значи да носиш нешто со себе цел живот како твој пријател. Нема да кажам непријател, ќе кажам пријател затоа што буквално така ние си го разбираме. Си ја учиме болеста и си живееме со неа најдобро што знаеме и најдобро што можеме, затоа што предизвиците со кои се соочуваме се многубројни, потенцира Лолеска.
Генералниот директор на АД Македонска пошта, Фаадис Реџепи истакна дека повеќе од свесни се дека печатењето на поштенската марка е само мал придонес за потребите на Здружението.
– Ние што ги водиме институциите ќе се обидеме максимално да бидеме со нив за да не се почувствуваат сами. Искрено се надевам дека нашиот пример ќе го следат и други компании со цел да влијаеме на јавната свест за постоењето на овие ретки болести, додаде Реџепи.