Со рекреативната тура „Бабин Срт МТБ Авантура“ промовирани природните убавини на Дебрца

Со учество на 180 велосипедисти викендов  во Општина Дебрца се одржа рекреативната тура „Бабин Срт МТБ Авантура“, во организација на Здружението за планински велосипедизам „Рупикапра МТБ“ од Струга.

Настанот го отвори градоначалникот на Општина Дебрца, Златко Сиљаноски, кој истакна дека локалната самоуправа продолжува да ги поддржува иницијативите што ги афирмираат природните богатства на Дебрца и придонесуваат за развој на активниот туризам. Тој нагласи дека планинските предели, шумите и автентичните села се едни од најголемите потенцијали на општината, а ваквите манифестации ја претставуваат Дебрца како привлечна дестинација за љубителите на природата и рекреацијата.

Настанот веќе предизвика огромен интерес кај љубителите на планинскиот велосипедизам, а пријавувањето беше затворено по исполнување на лимитот од 180 учесници.

Велосипедистите возеа по атрактивни шумски и планински патеки на подрачјето на Дебрца, запознавајќи се со природните убавини и специфичниот пејзаж на овој крај.

Целта на манифестацијата е да се промовира Општина Дебрца како препознатлива дестинација за активен и еко-туризам, да се поттикне здравиот начин на живот и да се подигне свеста за значењето на зачувувањето на природата.

Организаторите посочија дека големиот интерес за годинашното издание е потврда дека планинскиот велосипедизам станува сè попопуларен, а Дебрца, со своите природни ресурси и разновиден терен, има потенцијал да стане препознатлива дестинација за ваков вид спортско-рекреативен туризам.

Social profiles

Охрид

Струга

Вевчани