Српските шампиони ја продолжија доминацијата во Охрид

Охрид трета година по ред беше домаќин на турнирот од Јадранската Teqball лига, кој собра 40 играчи од 10 различни земји.

Натпреварувачите настапија во две категории – Men’s Singles и Men’s Doubles.
Првиот дел од турнирот се одржа во Основното училиште „Григор Прличев“, додека завршницата беше организирана на Градскиот кеј, на отворено покрај Охридското Езеро, во исклучителна атмосфера и со одлична енергија од публиката.

„Големо задоволство ни е што Охрид трета година по ред е домаќин на Јадранската Teqball лига. Овој турнир уште еднаш покажа дека Охрид ги има сите предуслови за организација на големи спортски настани – одлични услови, атрактивна локација и публика која дава посебна енергија. Особено нѐ радува што угостивме играчи од 10 земји и што Teqball во нашиот град се развива од година во година“, истакна локалниот организатор на турнирот, Коста Трифуновски.Доминацијата на српските играчи продолжи и во Охрид. Актуелните светски шампиони Никола Митро и Богдан Маројевиќ останаа непоразени во машки двојки, совладувајќи го во финалето унгарскиот пар Герго Домбаи / Герго Варга со резултат 2:0 (12:5, 12:5).

Митро до титулата стигна и во сингл, каде во финалето го победи својот партнер од Teq Liman, Богдан Маројевиќ, со резултат 2:1 (12:11, 9:12, 12:7).

„Уште една титула за нас, ја продолжуваме серијата победи. Квалитетот на играта беше на високо ниво, турнирот беше одлично организиран и имаше многу добри екипи. Охрид е едно од најубавите места каде што се играат турнири, така што сме задоволни од постигнатото. Се надевам дека на Жабљак ќе ја продолжиме оваа серија и дека и таму ќе имаме убаво време и добри услови за игра“, изјави Митро.

Посебно внимание од домашната публика привлече локалниот натпреварувач Димитар Пејчиновски, кој со одлични настапи стигна до полуфиналето во машки двојки. Публиката го бодреше во текот на целиот турнир, а по завршувањето на неговиот настап беше испратен со голем аплауз како еден од играчите кои го одбележаа овогодинешниот турнир во Охрид.

Следната станица на Јадранската Teqball лига е Жабљак, каде што се очекува продолжување на квалитетните натпревари и нови настапи на најдобрите Teqball играчи.

Social profiles

Охрид

Струга

Вевчани