Струга очекува наплив на туристи за Новогодишните празници. Најголем дел од закупените аранжмани во хотелските капацитети се од регионот Албанија, Косово, Бугарија и Србија.
Има интерес за Новогодишните пакети, но поради неизвесноста со ковид пандемијата не се букираат, како во минатите години, кога овој период беа речиси распродадени, велат од хотелската асоцијација.
За празниците се очекува да дојдат и голем број иселеници од струшко.
– „Она што го добиваме како информација од туристичкиот сектор е дека веќе прават аранжмани за Нова година, најголем интерес има од туристите кои што се од регионот и соседните земји“, вели Валентина Переска раководител во Агенцијата за туризам – Струга.
Струга изминатата сезона забележа зголемување на бројот на туристи за 45%. Општината заедно со Агенцијата за промоција на туризмот ќе работат на креирање на нови туристички содржини за привлекување на што поголем број туристи.
„Има зголемување на бројот на туристи од приближно 45 %, што е прближно со државниот процент на зголемување кој изнесува над 50% во однос на изминатата година. Се разговараше и за потребата на општина Струга во вклучување на промотивни активности“, додава Переска.
Деновиве ќе започне и украсувањето на градот на мостовите. Првиот човек на општината вели годинава ќе биде поскромно, ќе бидат поставени новогодишни елки и реквизити, ќе биде осветлена реката Црн Дрим, но нема да има луксузи, бидејќи ќе се штеди поради енергетската криза. Парите наменети за украсување се пренаменети за други цели.
Новинар Соња Рилковска
