На 8 јуни, пред 82 години, во селото Локов, Струшко, е формирана Првата македонска народноослободителна ударна бригада, подоцна прогласена за пролетерска. Таа дејствуваше во Струга и во други места каде што водеше крвави борби за слобода на македонскиот народ и народностите во Македонија.
Во рамки на свеченостите по повод 82-годишнината од формирањето на Бригадата, под мотото „Мир – Традиција – Иднина“, Сојузот на борци 1941–1945 на Македонија – Општинскиот одбор на борците и поддржувачите од Струга, на 8 јуни 2026 година, на денот на формирањето на Бригадата, организираше положување цвеќе. Бројната делегација, организирана во парови, предводена од претседателот на боречката организација Ајредин Мемеди, како и претседателот на општинскиот одбор на Сојузот на борци од Охрид и Дебарца, делегација на ЗП Струга, граѓани и претставници од локалната самоуправа, положија цвеќе на споменикот од НОБ и други спомен-обележја во Струга.
На овогодишното чествување на 82 години од формирањето на Првата македонска бригада (1944–2026), во просториите на ООСЗБ-Струга се одржа свеченост на која присуствуваше делегација од селото Локов, Струшка Малесија, предводена од претседателот на месната заедница Локов, каде што во далечната 1944 година била формирана бригадата.
Борбениот пат на Бригадата е мошне богат и инспиративен за формирањето на останатите бригади на подрачјето на Македонија, како и за борбеното расположение и отпорот во Егејскиот дел на Македонија, вклучувајќи го периодот на дејствување на македонско-косовската бригада, па сè до завршните операции по ликвидирањето на фашистичкиот окупатор на Сремскиот фронт.
Бригадата дејствуваше на подрачјето на Струшка Малесија и Дебарца. По борбите на „Кленоец“ за одбрана на слободната територија и по Богомилскиот поход, учествуваше во борбите за ослободување на Охрид, Струга, Дебар, Кичево и Гостивар, за потоа, со марш под мошне тешки услови од Врање до Стара Пазова, во состав на 48-та дивизија, да се прослави во пробивањето на Сремскиот фронт.
Бригадата учествуваше во ослободувањето на Винковци и Славонска Пожега. Потоа во борбите за ослободување на Загреб, сè до Целе и Дравоград, во чистење на непријателските единици. По враќањето учествуваше во чистење на Босна од непријателските сили, за конечно на 20-ти јуни 1945 година повторно да се најде во Македонија, истакна претседателот Мемеди.
Текст и фото: Стојан Кукунешоски
