Струга останува без стационар за бездомни кучиња – Советот не ја усвои физибилити студијата

Општина Струга во моментов нема да започне со изградба на стационар за бездомни кучиња, откако Советот не ја усвои физибилити студијата за реализација на проектот преку јавно-приватно партнерство.

Со ова, проблемот со големиот број улични кучиња во градот останува нерешен, а тие и натаму ќе бидат на улиците сè додека не се најде прифатливо решение.

Мнозинството советници нагласуваат дека не се против изградба на стационар, туку ја поддржуваат идејата за системско решавање на проблемот со скитниците. Сепак, тие реагирале дека во студијата не била прецизно наведена точната локација за објектот, како и дека не е јасно образложено зошто општината би издвојувала околу 170.000 евра за купување земјиште, кога во други општини тоа било обезбедено без надомест.

Советникот од ВМРО-ДПМНЕ, Коста Хиохи, истакна:

„Единствената дилема за која поставивме неколку прашања беше поврзана со локацијата предвидена за изградба на прифатилиште за кучиња скитници… зошто е предвидена сума од 175.000 евра за купување земјиште, кога Општина Струга располага со сопствени површини… во повеќе други општини, како „Шепа“ во Кавадарци и „Лајка“ во Скопје, земјиштето е обезбедено без надомест.“

Според студијата, стационарот бил планиран на површина од околу 2.500 квадратни метри, на приближно два километри од центарот на Струга, со капацитет од најмалку 75 боксови, а инвестицијата се проценуваше на околу 523.000 евра.

Хиохи додава:

„Иако целосно ја поддржуваме потребата од итно и ефикасно решавање на проблемот со кучињата скитници, сметаме дека не треба да се носат избрзани одлуки…“

Градоначалникот Менди Ќура посочува дека проектот останува приоритет:

„Реализацијата на овој проект ќе го намали бројот на кучиња скитници… нема да се откажеме од овој проект.“

Тој додава дека општината веќе издвојува околу 500.000 денари годишно за заловување и третман на кучињата, при што се опфатени од 13 до 24 животни, но проблемот продолжува, делумно и поради префрлање на кучиња од соседни општини.

Од општината најавуваат и соработка со соседните локални самоуправи за чипирање и контрола на движењето на животните.

Social profiles

Охрид

Струга

Вевчани