Струшките советници бараат итно решавање на проблемот со бездомните кучиња.
По неколкуте напади врз малолетни деца и жени, кои завршија во болница, советниците од ВМРО поднесуваат предлог за итна акција стерилизација и хуман третман.
Велат во услови кога градот нема стационар, тоа е еднствениот излез за проблемот со големиот број глутници кучиња, кои сеат страв во струшко.
– „Да се изнајде итно и брзо решение со оглед на можностите и на општината и на останатите фактори со цел да го ублажиме овој првичен удар кој што го доживуваме секојдневно како граѓани на општина Струга во поглед на се позачестените напади од кучињата скитници. Тоа значи дека од општината ќе бидат побарани средства за итна стерилизација и кастрација“, вели Никола Кукунеш советник од редовите на ВМРО ДПМНЕ Струга.
Во ек на летната сезона туристичка Струга е преплавена од бездомни кучиња, граѓаните револтирани , стравуваат за сопственото и здравјето на своите деца. Проблемот со кучињата скитници се провлекува со години, а градот се уште нема решение.
-„Тоа е пред се отсуство на слух кај надлежните кои се задолжени да се грижат за проблемите со кои се соочуваат граѓаните меѓутоа никогаш не е доцна да се направи првиот чекор да се воспостави пракса која што во иднина ќе може да ја користиме“, додава Кукунеш.
Изминативе десетина денови регистрирани се повеќе напади во струшко. Кучиња скитници направија “масакр” во село Мислешево, удавија цело стадо овци. Жртви на напади има и во строгиот центар на градот. Повредени се две малолетни деца и две жени кои завршија во болница. Повредените најавуваат тужби до општината, ќе бараат отштета.. Градоначалникот Мерко, најави решавање на проблемот преку соработка со единствениот волонтерски стационар кој фунцкионира во Струга.
Новинар Соња Рилковска