СВЕЧЕНА АКАДЕМИЈА ВО ЧЕСТ НА СВЕТИ КЛИМЕНТ ОХРИДСКИ – ПАТРОНОТ НА ГРАДОТ

На Академијата свечено беа доделени највисоките опшински признанија.

Со свечена академија во чест на Свети Климент Охридски –заштитникот на Охрид, вечерва во НУЦК “Григор Прличев“ се одржа централниот настан од празникот на градот и Македонската Православна Црква –Охридска Архиепископија. Пред бројните гости од дипломатскиот кор, пратеницi и граѓани, се обрати градоначалникот Константин Георгиески.

– Вечерва Охрид и Македонија слават. Чествуваме и се поклонуваме пред просветлението, хуманоста, знаењето и моралноста. Го славиме учителот и светителот, заштитникот на нашиот град и Македонската православна црква, милениумскиот духовен водител, иниспиратор и бдејач над Македонскиот народ – нашата најчиста поврзаност со Бога, великиот – Свети Климент Охридски. Нека ни е честит и вековит празникот,истакна во своето обраќање градоначалникот Георгиески.

Највисокото општинско признание наградата “Св. Климент Охридски – патрон на Охрид“, годинава постхумно му беше доделена на прерано починатиот градоначалник Јован Стојаноски, а во името на семејстовото, наградата ја прими неговата сопруга Надица Стојаноска.
Добитници на повелбата “Св. Климент Охридски – патрон на Охрид“, годинава се Виолета Петкоска, професор по одделенска настава во ОУ “Кочо Рацин“ и Планинската спасителна служба при Црвен Крст Охрид.


Академијата продолжи со културно – уметничка програма, подготвена од учениците од средното училиште што го носи името на патронот, а насловена како “Љубовта на повеќе јазици“, како што и самиот Свети Климент со целото негово знаење и умеење се залагал за просветлување преку добродетели, богонаравија и евангелиска заповед на љубовта.
Свеченостите продолжуваат со поклонение пред моштите на Свети Климент на Плаошник и полагање на свежо цвеќе пред спомениците na светецот во ОУ “Св.Климент Охридски“ и на градскиот плоштад.

 

Social profiles

Охрид

Струга

Вевчани