СВР Охрид, во соработка со Општинскиот совет за безбедност на сообраќајот во Охрид, ја започна превентивната кампања „Вози тротинет безбедно“, насочена кон подигање на свеста за безбедно учество во сообраќајот на возачите на електрични тротинети.
Во рамки на кампањата, полициски службеници од Отсекот за превенција и претставници на Советот на повеќе сообраќајници во градот разговараа со лицата кои управуваат електрични тротинети, при што ги информираа за правилното и безбедно користење на ова превозно средство, како и за новите измени во Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата што се однесуваат на нивното управување.
На возачите им беа поделени и едукативни летоци со најважните правила и законски обврски.
Од СВР Охрид посочуваат дека целта на кампањата е да се зголеми информираноста на корисниците на електрични тротинети, да се поттикне одговорно однесување во сообраќајот и да се придонесе за намалување на бројот на сообраќајни незгоди и повреди.