Изминатото деноноќие на Гинеколошкото одделение во Охрид се родија рекордни осум бебиња.
Плачот на шесте новородени девојчиња и двете момчиња го радуваат медицинскиот персонал и пресреќните родители.
Пет беа спонтани породувања, а три царски рез, велат од гинеколошкото одделение во охридската болница.
Во породувањата учествуваше целиот медицински тим, дежурниот доктор Горан Маркоски, началничката Мимоза Влаши, гинеколозите Катерина Попоска и Боро Петрески.
Тие не го криеја своето задоволство и им порачаа на охриѓани да се зголемува наталитетот во градот.

-„Вистинско задоволство е да се слуша плачот на повеќе новородени бебиња во болницата. Ги охрабруваме младите да се породуваат во охридската болница, а не да одат во други градови и по приватни клиники. Располагаме со најсовремена опрема и стручен кадар да им пружиме медицинска помош на сите пациенти и родилки“, вели доктор Горан Маркоски.
Шест од новороденчињата, кои вчера дојдоа на овој свет се од Охрид, а две од Дебар. Во последниве 15 години ова е рекордот на новородени бебиња во едно деноноќие.

Честитки за целиот медицински тим, кој во ова време невреме на пандемија со корона вирус донесе радост во Охрид.
Новинар Соња Рилковска
