На денешното повторно судење за новогодишното убиство, во кое на смрт беше претепан 26 годишниот Димитар Матилоски од Охрид, убиецот Бојан Угреновиќ од Кралјево го смени исказот.
Откако првично во првото судење призна дека го убил Димитар, сега кажа дека не се чуствувал виновен. Со овој исказ судењето се врати на сам почеток. Одново ќе се повикуваат сведоци. Оштетените стравуваат дека овој исказ на Угреновиќ е тактички обид за одовлекување до повторна пресуда, за да заврши законскиот рок за притвор, по што убиецот ќе може да се брани од слобода.
Со ваквата можност која се отвора на крајот на август му се овозможуваат на Угреновиќ услови за бегство од државата и судење во отсуство. Семејството, роднините, пријателите стравуваат дека смртта на невиното момче ќе помине неказнето.
– Како полномошник бев крајно изненаден од укинувањето на првостепената пресуда од страна на Апелациониот суд во Битола и враќањето на предметот на повторно судење. На претходното судење обвинетиот ги искористи можностите и го призна крвичното дело за кое се товареше. Ние како оштетени немавме никакво законско овластување да менуваме нешто и прифативме такво признание на вина. Сега со укинувањето на пресудата опасноста е што истекува законскиот рок за максимален притвор на обвинетиот до завршување на главна расправа, по што тој може да биде пуштен на слобода, изјави Мујоски.
Продолжението на главната расправа претседателката на советот, судијата Весна Кичеец го закажа во три термини и тоа 19-ти, 26-ти септември и 3-ти октомври, на кои судот ќе ги повика сведоците од обвинителството и ќе се врши непосредно испитување.
Новогодишното убиство кое ја потресе пошироката јавност минатата година, повторно се врати во судница откако битолска апелација ја отвфрли одлуката на судијката Весна Кичеец од казна затвор во времетраење од 16 години, донесена во декември лани.
Охриѓани а и пошироката македонска јавност отворено бараат максимална казна за убиецот.
Дали ќе се дозволи српскиот турист да помине неказнето, останува на правниот систем во Р Македонија.