Најголем број верски објекти ширум земјава нема да ги затворат вратите за верниците но апелираат да се почитуваат мерките од здравствените власти .
Светиот архирејски синод на МПЦ- ОА донел одлука во црквите и манастирите каде има редовни посети да се зголеми досегашното редовно одржување на хигиената. Православната црква и понатаму ќе продолжи со служење на светата причест но оние кои се болни ги советуваат да се воздржат од причестување. Истото важи и за целивањето на иконите бидејќи нема правило како верниците треба да оддаваат почит кон светците, тоа можат да го сторат и со поклонување.
И Муслиманите во Македонија самите ќе одлучат каде ќе се молат. Ставот на Исламската верска заедница е дека засега ќе биде прекината наставата во медресата „ Иса Бег и на Факултетот за исламски науки во Скопје. Овие одлуки и препораки тие веднаш ги истакнале по препораките од Владата.
„И во минатото имавме многу различни болести, зарази па дури и чума но, не се сеќаваме дека џамиите биле некогаш затворени. Молитвата е лична, индивидуална за секој верник и цениме дека самите луѓе треба да бидат совесни дали ќе одат во џамија, или ќе се молат дома . Секако тие ќе го изберат начинот како ќе се поврзат со Бога“.
Католичката црква пак ги повика сите пароси и монашки заедници во наредните 14 дена да ги прекинат веронаучните состаноци и сите форми на активности и собири на деца и млади, како дел од мерките на превентива поради ширењето на коронавирусот.
