ВИДЕО: Достоинствен живот за лицата со ментални болести

Менталното здравје и благосостојба се од фундаментално значење за нашата колективна и индивидуална способност.

 

Со цел да се зголеми степенот на едукација и информираност за менталното здравје, Асоцијација Мисла поддржана од Цивика Мобилитас, ја спроведува „Кaмпањата за информирање на јавноста насочена кон овозможување достоинствен живот и социјална правда за лицата со ментални болести“. Актуелен е видео спотот со наслов „И јас имам предизвик“. Видеото од кампањата може да го погледнете тука.

Како директна поддршка за лицата од целната група беше организирана и група за поддршка водена од професионален психијатар – психотерапевт. Во текот на месец март беа одржани 6 сеанси на групата, а последната беше на 26 март, на која присуствуваа 15 лица.
Асоцијација Мисла организираше и јавна трибина на тема “Достоинствен живот и социјална правда за лицата со ментални болести” која се одржа во Скопје на 18.03.2018. На јавната трибина свои излагања имаа психолози, психијатар и социјален работник.
Во подготовка е и акција на делење информативни летоци на темата ментално здравје, која ќе се спроведува во Скопје и во Куманово на 31 март. Во неа ќе бидат вклучени лица од маргинализирани групи и невработени лица на кои ќе им биде овозможен привремен работен ангажман и можност за скромна заработка.
Менталното здравје директно влијае врз основните човечки и општествени вредности на независност, мисла и акција, среќа, пријателство и солидарност. Затоа заштитата на менталното здравје треба да се биде витална грижа на сите луѓе кои создаваат и живеат во едно општество.
Сепак, сегашната слика за реалноста е малку поинаква. Високиот степен на дискриминација што постои, претставува голема пречка за нормално функционирање и интегрирање на овие лица во секојдневниот живот и извршување на нормални активности. Во интерес на сите е да се негува и поддржуваат основните човечки вредности, особено во формативни фази во животот.
Инвестирањето во менталното здравје се однесува и на промоција и на заштита на менталното здравје и до спречување и лекување на ментални нарушувања.

Social profiles