ВМРО бара субвенции за охридските станоиздавачи

Пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ Љубен Арнаудов денеска изјави дека пратениците од оваа партија од Охрид поднеле амандмани на ребалансот на Буџетот со кои бараат субвенционирање на штетите од земјотресите и субвенционирање на станоиздавачите.

Арнаудов рече дека аманданите ги поднесуваат со цел да им се помогне на станоиздавачите кои трпат штети од недостигот на туристи поради зачестените земјотреси во охридскиот регион.

– Најголема штета од земјотресите имаат станоиздавачите кои повеќето имаат земено и кредити, пари со кои инвестирале во своите објекти и се надевале дека ќе можат да ги вратат преку добивката остварена во текот на сезоната, но и да заработат нешто како би ја обезбедиле својата егзистенција. Додека станоиздавачите и хотелиерите се соочуваат со егзистенцијални проблеми, владата на СДС молчи, иако има обврска да се грижи за граѓаните, рече Арнаудов.

Тој посочи дека поради зачестените земјотреси, бројот на туристи е значително опаднат и повеќе од 80 проценти од резервациите се откажани.

– Во Охрид има вкупно 17.000 легла, од кои 13.500 на станоиздавачи и 3.500 се хотелски. Во просек субвенцијата треба да изнесува 37.500 денари по кревет или се вкупно околу 10 милиони евра, бројка која би требало да биде исплатена само за директни штети, додека треба да се пресметаат и индиректните штети како за бродарите, угостителските објекти итн, рече Арнаудов.

Од СДСМ одговорија:

 

Љубен Арнаудов прво треба да им одговори на граѓаните за неговата вмешаност во настаните од крвавиот 27-ми април кога беше посегнато по уставниот поредок и по животите на пратениците од мнозинството.

 

Што се однесува на амандманите кои тие ги поднеле за ребаланс на буџетот,  ги потсетуваме дека општинските комисии за проценка веќе одамна работат на утврдување и проценка на штетите кои настанале како последица на земјотресите. Всушност, заменик градоначалникот Ангел Јанев кој воедно е и командант на кризниот штаб на општината, а кој денес се појави на партиски прес, за ова веќе би требало да го има информирано својот сопартиец Арнаудов.

 

Како што и е познато на јавноста, настанатите штети како последица на земјотресите, по утврдувањето од страна на општинските комисии, ги надоместува Министерството за финансии. Толку од теоријата на Арнаудов дека СДСМ не се грижи за граѓаните. Воедно, би сакале да му посочиме на Арнаудов дека настанати штети не се субвенционираат, туку се надоместуваат.

 

Инаку што се однесува до туристичката сезона, нејасно како ВМРО ДПМНЕ уште на самиот почеток ја прогласува сезоната за пропадната. Несериозно и шпекулативно е да се даваат изјави од таков тип. На крајот на краиштата, нивниот градоначалник, Бакрачески веќе четири години не успева да ги сумира резултатите од било која од претходните летни туристички сезони, стои во соопштението на ОО на СДСМ Охрид. 

 

Social profiles

Охрид

Струга

Вевчани