Во Белчишта почнува 41. Интернационална уметничка колонија „Дебрца“

Во селото Белчишта, општина Дебрца, во сабота на 27 јуни ќе започне 41. издание на Интернационалната уметничка колонија „Дебрца“, една од најзначајните ликовни манифестации во регионот. Свеченото отворање е закажано за 20 часот во Галеријата „Ѓорѓија Целески“, именувана во чест на основачот на колонијата.

Ликовната колонија пред 41 година започнала во старо училиште, со скромни услови, но со голема визија, поставувајќи темели на културно наследство кое денес е препознатливо и надвор од границите на Македонија. Основачот, маестро Ѓорѓија Целески, ја поставил идејата која и денес продолжува да живее преку новите генерации.

Годинешното издание ќе се одржи под мотото „Од камен до код – ехо на земјата, глас на иднината“, тема која ја истражува врската меѓу традицијата и современоста, меѓу наследството и технолошкиот напредок.

Во време кога технологијата го менува светот со невидена брзина, уметноста останува мостот што ги поврзува човечката меморија и човечката визија“, велат организаторите.

На колонијата годинава ќе учествуваат 11 уметници од земјава и странство, меѓу кои и почесниот гостин, академскиот ликовен уметник Јордан Манасиевски. Меѓу учесниците се автори од Лондон, Словачка, Србија, како и повеќе македонски градови.

Галеријата на Интернационалната уметничка колонија „Дебрца“ денес располага со повеќе од 700 ликовни дела од врвни домашни и странски уметници, меѓу кои и дела од академик Димче Коцо.

Организатор на манифестацијата е Здружението „Ликовна колонија – Дебрца“, предводено од Мартина Целеска, која ја продолжува визијата и традицијата воспоставена од основачот.

Social profiles

Охрид

Струга

Вевчани