Како дел од промотивните активности за големиот концерт на групата Камелеон, познатиот охридски Dj и продуцент Dj Regie Rules изработи ремикс и видео спот за нивната позната песна „Небо мастило“.
Ремиксот на еден од најголемите хитови на Камелеон беше премиерно пуштен во денешното издание на емисијата „Бистро Корнер“ со Александра Алексијевска.
-Камелеон се една од нашите најдобри групи, а како тим со Супер радио помагаме во промоцијата на нивниот голем концерт, кој на 29-ти овој месец ќе се одржи во Охрид. „Небо мастило“ е моја омилена песна од Камелеон, а и добро лежи за да се направи ремикс за неа. Оригиналот си е оригинал, а ова е само наш скромен подарок за јубилејот на групата и обид нивната музика да ја приближиме максимално и кон помладата публика. Изработен е и видео спот за ремиксот, со што се надеваме дека песната ќе добие уште повеќе на популарност, порача Dj Regie Rules.
Инаку, Dj Regie Rules досега има изработено повеќе ремикси на теми од македонската поп музика и светската електронска музичка сцена, од кои дел, во изминатиот период се вртеа и низ голем дел од македонските радио станици.
На сцената на Домот на култура „Григор Прличев“ во Охрид, во сабота, на 29-ти декември, точно во 19:00 часот е закажан стартот на музичката приказна за 20-те години од постоењето на групата „Камелеон“.
Членови на бендот се Драган Василески, Тони Јованоски, Роберт Милески, Петар Трифуноски и Филип Стојковски. Низ годините и бројни други музичари имале добра соработка со бендот или биле негови членови и со тоа оставиле свој печат. За повеќето песни на бендот, текстот и музиката ги напиша гитаристот Роберт Милески.
Билетите по цена од 250 денари ќе се продаваат во сите „Тамаро“ маркети во Охрид и Струга, музичката продавница ZZ Top и тезга „Аждер“ во центарот на градот.