УНЕСКО денес го затвора извештајот за Охрид од кој ќе зависи и тоа дали ќе го задржи престижниот статус на светско културно наследство.
Во јуни во Баку, главниот град на Азербејџан, ќе заседава Комитетот за светско наследство при УНЕСКО за, меѓу другото, да реши дали Охрид ќе го стави на листата на културно и природно наследство во опасност.
Од владата се оптимисти дека Охрид нема да го загуби досегашниот статус, но експерти и граѓански активисти не се сигурни во тоа. Особено што во овие последни денови во кои се затвора извештајот за Охрид, од езерото доаѓаат лоши вести – за постојано палење и горење трска најверојатно заради нечии бизнис-интереси.
Во извештајот на УНЕСКО за Охридскиот регион од 2 јуни, 2017 година, пишуваше:
„Мисијата на УНЕСКО изразува загриженост од зголемувањето на сообраќајот и туризмот, како и од другите слични несоодветни инфраструктурни проекти, вклучувајќи го предложениот проект за развој на ски-центар ‘Галичица’, за експресниот пат и други поединечни и некоординирани проекти за урбан развој. Сето ова може да ги влоши клучните атрибути на природните и културните вредности од природното и културното наследство, како што е целокупната форма на монументалниот урбан ентитет и биодиверзитетот во езерските води, доколку не се преземат итни мерки“, пишува во извештајот на УНЕСКО.
Пред истекот на рокот што УНЕСКО ѝ го постави на Македонија за да преземе активности за проблемите во Охрид и охридскиот регион како заштитено природно и културно наследство, министерот за култура Асаф Адеми и претседателот на комисијата за управување со Охридскиот регион, Зоран Павлов реферираа пред собраниската Комисија за култура за тоа што е реализирано во изминатиот период.
Министерот за култура даде информации за подготовката на извештајот за напредокот во спроведувањето на препораките на УНЕСКО.
Според овој извештај интензивно се работело на ревизија односно подготовка на нов закон за управување со светското природно и културно наследство на Охридскиот регион, ревизија на Планот за управување со светското природно и културно наследство на Охридскиот регион и стратегиска оцена за влијанието на животната средина за План за управување со природното и културното наследство во Охридскиот регион (2018-2027).
