Во ООУ „Кочо Рацин“ секој ден е ден за покажување почит кон жената

Преку активно учество во eTwinning проектот „International Women in Science Day II“, учениците од ООУ „Кочо Рацин“ секој ден покажуваат почит кон жената.

Целта на овој проект е да се промовира еднаквиот пристап и учество на жените во науката, да се отстранат предрасудите за науката како машка дисциплина и да се создадат можности што поголем број девојчиња да стигнат до лидерски позиции. Во проектот се вклучени вкупно 14 ученици и тоа 6 ученици од VI одделение и 2 од IX одделение под раководство на наставничката Татјана Лошкоска и 6 ученици од VIII одделение под раководство на наставничката Јованка Анѓелкоска. Учениците преку низа активности го одбележаа Интернационалниот ден на жените во науката. Тие ги користеа Web 2.0 алатки и изработуваа е-весници и e-книги за значајни жени научници со помош на Canva и StoryJumper, имињата на жените научници кои ги истражуваа ги испишаа со помош на WordArt, се забавуваа и изработија оригинални и уникатни слики со користење на алатките PhotoFunia и Classtools/Breakingnews.

Во рамките на проектот учениците истражуваа и научија нешто повеќе за Рајна Алексова, првата жена фармацевт во нашата земја и за Роса Плавева, една од првите борци за женските права во земјава, како жени кои оставиле посебен белег во еманципација на македонската жена. Од страна на наставничките се изработуваа различни презентации, видеа и постери. По повод на Меѓународниот ден на жената учениците изработија честитки со помош на алатката Greetings Island. Преку активностите кои следат во рамките на проектот „International Women in Science Day II“ ќе продолжиме да ги охрабруваме учениците да ја надминат родовата нееднаквост, да соработуваат едни со други и да ги инспирираме да се насочат што повеќе кон магичниот свет на науката.

Social profiles

Охрид

Струга

Вевчани