Во манастирот „Св. Недела“ во селото Оровник викендов се одржа свечена промоција и проекција на филмот „Приказна за една охридска свадба“, како и презентација на проектот „Светлина на верата“, реализирани од ученици од СОСУ „Св. Кирил и Методиј“ од Охрид.
Настанот беше организиран со поддршка на Општина Дебрца и Општина Охрид, а присутните имаа можност да се запознаат со проектите кои ги промовираат богатата традиција, обичаите и духовното наследство на регионот.
Градоначалникот на Општина Дебрца, Златко Сиљаноски, истакна дека општината со гордост е домаќин на настани кои ги поврзуваат младите со културното и духовното наследство.
„Овие значајни дела се реализирани од талентираните ученици од СОСУ „Св. Кирил и Методиј“ од Охрид и претставуваат успешен заеднички проект поддржан од Општина Дебрца и Општина Охрид“, нагласи Сиљаноски.
Тој додаде дека ваквите иницијативи ја потврдуваат важноста од вложувањето во младите генерации.
„Овој настан уште еднаш ја потврди важноста на вложувањето во младите и нивното активно вклучување во зачувувањето на нашите корени, преку проекти кои ги поврзуваат традицијата, образованието и современиот креативен израз“, посочи градоначалникот.
На настанот присуствуваше и Неговото Високопреосвештенство, митрополитот дебарско-кичевски г. Георгиј, како и претставници на локалните самоуправи од Охрид и Дебрца, свештенството и голем број граѓани.
Вечерта беше збогатена со културно-уметничка програма во која настапија културно-уметнички друштва од Охрид и Дебрца, млади уметници и музички ветерани.




