Во пандемијата зголемен бројот на напади врз лекари и медицински персонал.
Големите гужви низ болничките ходници причина за нервоза кај се поголем број на пациенти. Се случуваат вербални напади и навреди, кои поретко се пријавуваат, но особено загрижуваат физички напади.
Последниот инцидент во Охрид се случи пред десетина денови кога нервозен пациент поради тоа што долго чекал за преглед ја давеше докторка на Инфективното одделение.
Од менаџментот велат лекарите се истоштени, макотрпно се борат со пандемијата немаат слободен ден, ниту одмор, пациентите мора да имаат поголемо разбирање и трпение.
„Во охридската болница често има напади од пациенти, особено во летниот период кога има наплив на туристи. Ова лето што не имавме, имаше напад на чувар со нож, кршење на инвентар, напади кон лекари, сетри, вербални напади. Меѓутоа ова со нападот на докторката на инфективно навистина ја преи чашата и мислам дека треба нешто државата да преземе за поголема заштита на медицинскиот персонал, бидејки вие да нападнете 62 година докторка која изминативе две години дали е дома отидена десет дена стварно не е во ред“, вели Горан Балевски директор на ЈЗУ Општа болница Охрид.
Лекарите дневно прегледуваат и по стотина пациенти очекувано е да има гужви во ходниците, потребно е трпение од страна на пациентите. Белите мантили сметаат дека треба построги казни за поголема заштита на медицинската фела.
„Бараме заштита од државата мислам, не сум доволно стручен но мислам дека државата треба да донесе построги закони за да не може вака луѓето да се однесуваат кон медицинскиот персонал. Ние сме тука да помагаме на болните, очекувано е да почекаат. Вие ако имате сто преегледи нормално е да не може сите наеднаш да влезат. Ситуацијата е таква на ваков наплив пациенти секаде низ Европа е зголемен бројот на прегледи и хоспитализации сигурно во другите земји не ги напаѓаат така лекарите“, вели Балевски.
Докторите, медицинските сестри и останатите вработени во здравството при извршување на своите работни задачи се недоволно заштитени и често се изложени на животозагрозувачки инциденти.
Новинар Соња Рилковска
